Иницијатива „Бесплатен пазар“: Наместо парите, да управува солидарноста

„Бесплатниот пазар се спротивставува на потрошувачкиот карактер на денешното општество кој ни диктира ритам на купи-фрли-купи или едноставно поседуваме премногу работи кои не ни се од полза, додека некому му се потребни“, е филозофијата според која функционира оваа иницијатива веќе некое време во Скопје, а од скоро е активна и на Фејсбук.

Целта на бесплатниот пазар е да се подари нешто што веќе не му е потребно на некој, но се уште има вредност, да се разменуваат услуги, предмети и производи и да се земе она што е потребно, бесплатно.

Акцијата е отворена за секој, а се организира како настан секоја последна недела од месецот во АКСЦ (Автономен Културно Социјален Центар) во Скопје.

Од иницијативата потсетуваат дека ова не е нова појава, меѓутоа во план е да се зачестат активностите со цел идејата да опстои. Во изминатата година се организирале најмалку седум настани, па основачите се надеваат дека социјалните мрежи ќе помогнат во ширењето на идејата.

„Бесплатниот пазар ја поддржува идејата дека има доволно за сите, тоа е протест против растечката сиромаштија на луѓето која настанува како резултат на моменталната социјална политика. Да покажеме дека е можен подобар свет, каде меѓучовечките односи се базирани на заемна помош, хуманост и соработка, каде наместо парите управува СОЛИДАРНОСТА!

Едно од основните обележја на човекот е трудот и една од неговите основни потреби е потребата за создавање и творење. Тоа можеме да го видиме низ целата човекова историја: човекот изгради свет на вештачки работи (man-made-things) и општествена машина придружена со висок степен на технологија. Меѓутоа, во овој процес на креирање, човекот стекна сопственост над многу предмети, но како да ја изгуби сопственоста над самиот себе“, стои во соопштението на иницијативата.