Илија Цветковски: „Со љубов“ сакав да ја доближам публиката до пасијата на Дионис

Повеќеминутни стоечки овации доби македонскиот документарен филм „Со љубов“ („Avec l’amour“) на младиот неготинец Илија Цветковски, со кој синоќа официјално започна осмото издание на фестивалот „МакеДокс“. Сонот на пензионираниот професор по биологија Дионис Пашлаков, да направи музеј за своите 108 одлтајмери, успеа да разнежни многумина, но и да насмее.

Филмот ја имаше светската премиера во Торонто, по што се прикажуваше и во Минхен, а пред неколку денови се прикажуваше и на Сараевскиот филмски фестивал каде ја освои третата награда од публиката. Синоќа, пак, се одржа македонската премиера, од која Цветковски вели дека имал најмногу трема.

„Малку ми беше страв бидејќи беше притисок, но кога филмот стигна до половина и веќе имаше аплаузи, се потсетив всушност зошто и беше филмот – за Дионис. Баш ми е драго што македонската публика го разбра бидејќи е на дијалект, бидејќи е на македонски, бидејќи има мали ситници што не можат да се преведат и тоа се работи што мене ми беа смешни на почеток и дури сега ги гледам реакциите на тие ситуации“, рече тој во разговор за Радио МОФ.

На филмот се посветил пет години, уште во 2011 година кога почнал вистински да го запознава Дионис и неговиот секојдневен живот.

„Добра финта беше тоа  што мислеше дека снимав студентски филм и не кревав врева. Снимав со фотоапарат, а всушност снимавме нешто поголемо. Таа визија си остана од почеток до крај и баш поради тоа што не кревавме многу врева дека правиме не знам каков филм, тоа ни овозможи да влеземе кај Дионис и Гоца дома. Всушност, тоа ни беше еден вид на игра и беше навистина интересно“, се потсетува тој.

Филмот го следи Дионис во неговата последна година како професор и класен во гимназијата „Св. Кирил и Методиј“ во Неготино, како и при подготовките на неговиот музеј што се наоѓа на неговиот плац, на излезот од градот.

„Сакав и другите да ги заразам со тоа што јас бев заразен од него, од неговата пасија, бидејќи и јас имам пасија кон филмот. Мислам дека тој круг треба да продолжи да се движи. Сакам да го прикажам Дионис таков каков што е – тој си е самиот доволен. Мислам и дека секој човек си е сам за себе доволен. Тој беше многу искрен, многу морално и етички поткован и мислам дека хуморот е начинот на којшто може сето тоа да се научи, да се насмее публиката и да се пренесе пораката“, смета Цветковски.

Приказната изобилува со хумор, за кој дополнително придонесува и неговата сопруга Грозданка, која синоќа доби симболичен подарок од организаторите – торта во форма на автомобил. Но, филмот на индиректен начин го прикажува и игнорантскиот однос на општинските власти кон желбата на професорот, кој наиде на реакции и кај синоќешната публика.

„Јас сум песимист, дури и ми пречи надежта дека општината треба да направи нешто, или која било институција. Со ова сакам да покажам дека тој веќе  го има постигнато својот сон и дека ова што го има е доволно и не му треба општината и луѓе што не го ценат да ги моли и да ги бара. Сакав да ја пренесам повеќе позитивната енергија отколку критика кон институциите“, вели Цветковски.

Самиот професор, пак, рече дека со овој филм тој успеал на повисоко ниво да ја претстави својата желба да остави свое културно наследство за градот и државата која останала занемарена 25 години.

„Изложен на притисоци, на потсмевања..Даскале, фрли го тоа ѓубре и купи си една кола, вози се како човек. Упорно стоев и се спротивставував на тоа и сакав на македонската јавност, особено на мојот град, да им покажам дека светот го цени ова мое хоби“, рече Пашлаков по проекцијата.

Покрај Цветковски, со неговата приказна лично се поврза и целата публика, особено откако пред  неколку денови се појави текст во кој се вели дека и Стивен Спилберг и Оливер Стоун го допаднале филмот. Сепак, иако веста е лажна, многумина дозволија да се споделува бидејќи сите некако се пронајдоа во приказната на Дионис.

„Би се оградил од сето тоа, но од друга страна можам да кажам дека тоа му направи добро на Дионис, бидејќи во ова време со тешки теми, не е лесно да успее ваква приказна. Така што, на крајот, мислам дека лажната вест му помогна најмногу на Дионис. Јас само така гледам на тоа“, рече Цветковски.

„Со љубов“ е прв документарен филм на Цветковски, снимен со едвај некаков буџет.

„Ова беше приказна што навистина беше лично поврзана со мене што навистина не смеев да ја пропуштам и дадов сè од себе“, рече тој.

„Јас сам почнав да го финансирам филмот. Ги советувам сите што сакаат нешто да направат или имаат некоја визија, приказна, што имаат потреба да ја раскажат, да не очекуваат помош и да најдат само дупка во системот како да го направат тоа. На крајот, успехот е многу поголем ако патот е потежок“, забележа Цветковски.

Емилија Петреска