И утрово смог во Скопје и Тетово, Владата излезе со препораки

Скопје и ова утро се гуши во смог. Слична е состојбата и во Тетово, а загадувањето на воздухот останува високо во Кичево, покажуваат податоците од мерните станици на Министерството за животна средина. За Битола, која исто така се бори со овој проблем, утрово немаше податоци.

И утрово смог во Скопје и Тетово, Владата излезе со препораки

Во овие реони Владата ги ослободи од работа бремените жени и лицата над 60 години, како конкретна интервентна мерка против загадувањето, а во рамките на првиот пакет интервентни мерки за надминување на состојбата. Даде и  препораки,  работниците кои работат на отворено тоа да го прават од 11 до 17 часот, децата и учениците да не се пуштаат надвор,  а Црвениот крст и Центрите за социјални работи да ја следат состојбата и да им помагаат на осамените, стари, изнемоштени лица и бездомници.

Во интервентните мерки, Владата ги задолжи „Македонски Шуми“ да обезбедат „посебна машина за садење на веќе порастени дрвја во градските средини“,  препорача товарните возила од 7 до 19 часот да не се движат во центарот на загадените градови, побара редовно да се чистат улиците.

Во мерките против загадувањето, беше побарано инспекторите да вршат контрола во погоните со А и Б интегрирани еколошки дозволи и во автосервисите, редовно да ги известуваат граѓаните за воздухот, а општините да направат планови за подобрување на состојбата со загадувањето во нивните реони.

Веќе осми ден состојбата на воздухот во повеќе градови во земјава е алармантна. Од Влада велат дека и во следните неколку дена нема да биде подобро, бидејќи времето одело во прилог на загадувањето.