Хајка против НВО-секторот: Клевети и бесмислици

Кога дури 46 невладини организации во една држава, и тоа особено во една мала држава, ќе излезат со заеднички став во кој на премиерот му велат дека не веруваат во неговата способност и легитимитет да организира попис на населението, операција која е од огромна важност за да можат да се креираат вистинските политики, таквиот премиер би требало да се замисли што се случува, зошто постои толкава недоверба кон него и да ги преземе сите можни корективни мерки таквата недоверба да се намали.

Но, тоа е така во демократски земји. Во Македонија, која поминува низ најтешката политичка криза во изминатите 25 години и од чиј исход зависат и демократијата и евро-атлантските интеграции, рецептот на власта за справување со јавно искажаната недоверба на невладиниот сектор е сосема поинаков. Накусо, тој се состои од следнава постапка: земи, нас`скај ги своите пропагандисти и удри од сите можни оружја по истиот тој невладин сектор со цел за да му го срушиш кредибилитетот и на институционално и на лично ниво и тоа и пред домашната јавност и пошироко пред светот. Се наоѓаме насред нова пропагандна офанзива на власта, каде што медиумската моќ на информациите е претворена во деструктивно оружје, пред чиј нишан се поединци, организации и целиот НВО сектор.

„ГЛУМЕЊЕ ЛУДИЛО“

Опишувајќи ја пропагандата во Русија на Кремљ, Питер Померанцев, веројатно најпознатиот аналитичар на пропагандните техники кои ги користат современите авторитарни лидери за манипулација на јавноста, вели оти на гледачите на државните ТВ канали во Русија им е јасно оти голем дел од вестите што ги гледаат се неточни, но режимот има ќар и од таквите вести: не секогаш е јасно што е неточно, а што е точно. Покрај ова, вестите многу често не се гледани за од нив гледачите да се информираат за она што се случува, туку за да видат какви сѐ налудничави и бесмислени приказни тој ден ќе бидат измислени од пропагандистите, а кои, ако ништо друго, се забавни, во нив ќе биде нападнат некој од политичките противници, па тие вреди да се видат токму заради нивната забавна вредност или од сеирџиски причини, исто онака како што се гледа некое реалити шоу или игран филм.

Во Сирија, пак, на режимските вести се говори за успесите на владата на Башар ал Асад, иако сите знаат дека во државата се води граѓанска војна. За време на протестите во 2011 година, како дел од Арапската пролет, државните сириски медиуми тврдеа дека во непријателскиот Катар, за потребите на Ал Џезира, се изградени реплики од плоштадите на сириските градови, дека се донесени лажни демонстранти и дека протестите се режирани од западни режисери само за да можат да се снимат и лажно да известат дека во Сирија има демонстрации.

Има ли некоја дополнителна причина за медиумското „глумење лудило“ и тоа сосема отворено? Да. Проблемот е во тоа што режимските телевизии и нивните шефови толку долго имаат кажувано невистини и манипулации, следејќи еден вообичаен наратив обезбеден од власта, па сега невозможно е да смени приказната во било која друга насока без да се испадне недоследен и манипулант. Затоа, мора да се кажува она што се говорело постојано, оти режимот повеќе нема друг избор, како што немаат избор ни неговите медиумски пропагандисти. Колку соработката на владините медиуми и власта е блиска слушнавме од прислушуваните разговори што ги објави лидерот на опозицијата, Зоран Заев, а деновиве гледаме дека таа продолжува и понатаму како ништо да не се случило, иако пропагандистите сега веќе знаат и им е сосема јасно оти биле прислушувани од нивните политички наредбодавци. Но, и покрај јасно искажаната недоверба, која кон нив ја има режимот, тие мора и понатаму да го штитат истиот тој режим што им ги прислушува телефоните зашто едноставно немаат каде.

ФООМ Е ВИНОВЕН ЗА СÉ

Најдобар пример за тоа се последните навредливи, клеветнички и често бесмислени напади врз невладиниот сектор во земјава од „Сител“ и „Вечер“. Бесмисленоста започна уште во првиот напис кога се предложи ВМРО да барал директор на приватната Фондација отворено општество Македонија (ФООМ – локалната НВО од мрежата Сорос фондации). Уште тогаш се почувствува оти со резонирањето во овој напис нешто не е во ред, а од него извираше чувство како да станува збор за одмазда зашто СДСМ се осмелил да инсистира на раководни лица во државни институции. Но,во следниот напис смислата и здравиот разум комплетно одлетаа низ прозорец. Покрај бесмисленото, клеветничко спомнување имиња на лидери и вработени од невладиниот сектор со цел нивно жигосување, ФООМ бива обвинет за сѐ и сешто во период од цели 25 години. А, за вината на ФООМ да биде претставена како уште поголема, редица моменти од современата историја на самостојната македонска држава се претставени како порази, само за ФООМ да може да биде прогласен како виновен за нив. На пример, Владата на големата коалиција од 2001 година, која беше значаен предуслов за прекинот на воените дејствија меѓу македонските безбедносни сили и УЧК е претставена како пораз и ФООМ е именуван за виновник, а така е претставен и влезот на Македонија во ООН под референцата ФИРОМ, за што, еве, за првпат дознаваме дека и за ова ФООМ била виновна, при што датумот на овој настан е наведен како 1995 година, иако земјава во ООН влезе во 1993 година. Вакви примери има куп и нема никаква смисла тие да се анализираат еден по еден, зашто бесмислиците не заслужуваат таков третман, а и поранешниот извршен директор на ФООМ, Владимир Милчин, преку низа примери детално го објасни трагичниот недостиг од факти, како и купиштата невистини.

Она што може да се каже овде е што за овие „дводецениски порази“ никој досега не ја критикувал ФООМ. Како е можно да изминат 15 или 20 години и никој за овие бесмислици да не ја обвини ФООМ, туку, еве, требаше сега да се најдат „Вечер“ и „Сител“ и сите нас да не освестат што, всушност, ни се случувало пред нос, ама ние не сме знаеле. Ај што ние не сме знаеле, тоа не го знаеле ни бројните странски донатори што ја помагаат фондацијата, некои со години, странските амбасади и држави, не знаел ни СДСМ за кој се вели дека е под капата на ФООМ и дека е командуван од ФООМ, па се бара од членовите на СДСМ „да изберат“ дали сакаат да бидат нејзини „заложници“. Никој немал поим за ваквата деструктивна и подземно-политичка улога на ФООМ со децении, освен „Вечер“ и „Сител“, кои или дури сега самите сфатиле што се случувало или сите овие тајни од некоја причина ги криеле и не ги објавувале во јавноста.

РАФАЛНО ИЗНЕСУВАЊЕ НЕВИСТИНИ

После бесмислиците кои се однесуваа на блиската историја, започнаа директните карактерни атентати, методично, невладина организација по невладина организација. И повторно се користат невистини и измислици за 500.000 евра од ФООМ за НВО „Цивил“, што беше веднаш демантирано , следеше бавење со локална невладина организација од Кавадарци, односно со нејзината локација (оваа или онаа куќа), а без да се каже што е проблемот со нивното фактичко делување, за потоа да се отиде во апсурд каде што се говори дека ФООМ финансирал исламски екстремисти, каде се вади судска пресуда, но во неа нема ништо што би упатило на исламски екстремизам.

Најнова бесмислица во оваа хајка, чија последна жртва се медиумите помогнати од ФООМ (како и такви кои не се помогнати од ФООМ, ама како што е веќе познато, фактите не се многу битни) е барањето да се донесе закон по примерот на FARA во САД (Foreign Agents Registration Act), според кој сите организации/институции кои добиваат странски грантови би требало да се регистрираат во Министерството за правда. Проблемот е само што FARA не е направен за невладини организации кои имплементираат развојни проекти, тоа не му е целта, потоа Владата точно знае кои организации какви грантови и од кого имаат добиено,  а најзначаен проблем е што најголем добитник на грантови во земјава е токму владата, нејзините министерства и институции, така што тие би требало да бидат првите кои би се нашле на таквата листа на „странски агенти.“

Но, целата оваа рашомонијада на бесмислици функционира преку директни обвинувања за кои се нудат куп измислени индиции, невистини и полувистини за нечија нечесност или неетичност. Затоа и нив ги има толку многу – за да не можат сите да бидат одговорени. Кога се соочувате со невистини и со полувистини во огромен број, изречени рафално, без аргументи и факти, ви треба многу простор сите тие да се демантираат, зашто сите објаснувања, севкупната приказна и контекст ви е оставено да ги изнесете вам, како лице кое е нападнато, додека напаѓачот само си седи отстрана зашто тој веќе ја завршил работата без да навлезе во детали и неговиот напад, иако можеби на прв поглед така звучи, не е вистинит. Проблемот е во тоа што за да се сфати манипулацијата потребно е елаборирање на целата приказна во нејзиниот правилен контекст. А, тоа бара многу простор, детални експликации и трпение од читателот, кое тој по правило ги нема и кои не се податни за изнесување во медиумски контекст, кој по својата природа е насочен кон економизирање на зборовите, за поефикасно и побрзо информирање.

МАНИФЕСТАЦИЈА НА МОЌ

Следна цел на ваквата пропаганда е манифестацијата на моќ. Карактерните атентати врз противниците, спомнувањето на нивните имиња по весници, имињата на организациите каде што работат, не служат за индоктринација, туку за потврда на моќта. Целта е јавноста да помисли дека власта иако не е „добра“,  таа е „силна“ и може неказнето да заплашува, да клевети, па дури и да затвора и да осудува без последици, а не дека некого треба во нешто да убеди или да искаже идеолошка порака, како што вели Померанцев (превод овде).

Друга цел на ваквата пропаганда е спречување на јавноста да сфати што точно се случува. За разлика од западните медиумски системи, каде што интегритетот и вистината се единствените оружја што медиумите ги поседуваат и негуваат и кои служат за опстанок на пазарот, задржувајќи ја довербата на читателите и на гледачите, во современите авторитарни системи медиумите не зависат или барем не зависат целосно од пазарот, а компаниите што ги поседуваат се помагани финансиски од власта преку добивање тендери директно или во другите области од бизнисот, па вистината и професионалниот интегритет е небитен или далеку помалку битен. Во таква ситуација, медиумите кои ги поддржуваат авторитарните лидери служат за промовирање на таквата власт, но и за да ја замаглат вистината, да посеат забуни, да шират збунетост, за јавноста да не осознае што точно се случува и кому може да му верува. Тоа се постигнува токму со купиштата дезинформации, полувистини, манипулации и слично, како и со испорачување „голи“ вредносни судови за кои нема аргументи, но кои се толку многубројни што функционираат според изреката „повторувањето е мајка на знаењето“. Овде тоа е видоизменето во смисла „што побројни коментари со напади, навреди и клевети, толку посилен впечаток на вистинитост“. Или барем наведување на консументот да помисли дека тука „мора да има нешто“, штом толку голем простор е одвоен за таа тема. Значи, целта е да се посее недоверба кон другата страна и барем да се креира мислење оти и другите се еднакво лоши, ако не и полоши. Русија за оваа цел ги има своите „фабрики на тролови“, кои објавуваат купишта коментари и блог-постови со официјалната линија на Кремљ, Кина ја има „војската од 50 центи“, зашто авторите на интернет-коментари добиваат по 50 центи за секој и слично. Но, сега сето тоа оди понатаму и Кремљ веќе развива цели веб-страници кои се наменети исклучиво за дискредитација на политичките противници на Путин. А, во земјава имаме цели наменски медиуми за тоа со оглед на фактот што цената за нивно воспоставување, особено на интернет, е ниска заради малиот пазар и нерешените авторски права, каде со крадење туѓи содржини може да се направи богата информативна веб-страница, опслужувана од двајца-тројца луѓе.

ДОБРЕДОЈДОВТЕ ВО АПСУРДИСТАН

Но, Македонија не е ни Кина, ни Русија и проблемот настанува кога клеветите и навредите ќе бидат доведени до апсурд. Во мала држава во која многу информации се дознаваат по неформален пат и која мора барем јавно да ги следи препораките на Европската унија, под чие око и онака се наоѓа постојано како кандидат за членство, тешко дека некој ќе поверува оти митинг на опозицијата не се случил, туку дека, на пример, Америка изградила реплика на зградата на Владата и донесла демонстранти само за да може да ги сними. Апсурдот бива предмет на потсмев од типот на сатирата на „Коза ностра“ или предмет на директна одбивност и широко несогласување, каков што беше „одговорот“ на неименуваниот автор од редакцијата „Вечер“ по демантот на поранешниот извршен директор на ФООМ, Владимир Милчин, каде што навредите ја преминаа секоја граница, а бесмислиците околу набедувањето на ФООМ за финансирање исламски екстремизам едногласно беа протолкувани како „глупост“.

Пропагандистичкиот Апсурдистан својата валкана мисија против невладиниот сектор сигурно ќе продолжи да гази и понатаму, сѐ додека не се задоволи клеветничкиот апетит на оној што раководи со хајката. Војната со невистини, клевети и со апсурдни тврдења ќе продолжи сѐ додека шефовите на дежурните пропагандисти не бидат задоволни со изнесеното количество отров во јавната дебата или додека самиот лидер не биде задоволен од возвратениот удар зашто невладиниот сектор отворено му рекол оти предлогот за електронски попис е несериозен и тоа во ситуација кога тој и онака нема легитимитет за негово спроведување.

 

Една од омилените теми на актуелните пропагандисти е цифрата на буџетот на ФООМ, па дури и се собираат буџетите од 1993 година до денес и се измислува бројка од 100 милиони евра (која првин беше 90 милиони, но што се 10 милиони плус за бројката да биде троцифрена), без да се објасни како се пресметани тие евра од 1993 до 1999 година во периодот пред воведувањето на еврото. Иако станува збор за непостоечка и бесмислена сума на средства, таа, дури и кога би била двојно поголема, покажува колку е мал невладиниот сектор во земјава. Во Велика Британија, на пример, НВО-секторот создава 7 проценти од британскиот годишен домашен бруто-производ (БДП), што би било еквивалентно како во Македонија тој да создава БДП во износ од 560 милиони евра годишно, што е незамисливо, а фактичките бројки се веројатно 10 пати помали.
Потоа се измислуваат некои дополнителни 5 милиони евра годишно кои ФООМ ги доделува на невладините организации, а кои, всушност, не постојат. Средствата кои ФООМ ги регрантира кон другите невладини организации се многу пониски и точно се знае колкави се (3,08 милиони евра во 2014 година, страница 3, ставка 22, Помошти донации и други давачки), но во секој случај се пониски од оние кои Владата ги доделува на фиктивните НВО-а (страница 71, ставка 463, трансфери до невладини организации – 5,56 милиони евра), а кои во најголем дел се трошат на проекти поврзани за „Скопје 2014“ и никако за развојни програми.
Се разбира, и овој износ од 5,56 милиони евра залажува зашто вистинската сума е многу повисока. Како прво, големи средства за невладините организации се доделуваат преку општините, а многу добро е познато кој владее во најголем дел од општините со мнозинско македонско население – ВМРО-ДПМНЕ, во сите освен во три. Покрај тоа, Владата има и големо влијание во распределувањето и на средствата на Европската комисија во земјава, а кои изнесуваат дури 95 милиони евра годишно. Настрана фактот што огромен дел од овие средства завршуваат во владините министерства и во други државни институции како развојни проекти (на пример, 300.000 евра за Министерство за финансии за бази на податоци од ЕУ или 750.000 евра за Инспекторатот за транспорт од ЕУ, итн).

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).