„Гугл“ ќе мапира загадувачи во Калифорнија за да им помогне на властите и локалните организации

„Гугл“ започна уште една иницијатива која има за цел да ја подигне јавната свест за заштита на животната средина. Компанијата се здружи со еколошката фирма „Аклима“ за да го мерат загадувањето на воздухот во Калифорнија и да ги мапираат резултатите на својата платформа „Гугл ерт“.

Двете компании ќе прикажуваат хиперлокални податоци за квалитетот на воздухот за Заливот на Сан Франциско, Лос Анџелес и Централната долина. За да дојдат до овие информации, компаниите покриле повеќе од 160 000 километри за 4 000 часа користејќи автомобили за „Гугл стрит вју“.

„Научниците и експертите за квалитет на воздух може да ги користат информациите за да им помогнат на локалните организации, владите и регулаторите при идентификување на можностите за добивање поквалитетен воздух и решенија“, изјави програмскиот менаџер на „Гугл ерт“, Керин Тукен-Бетман.

„Мерењата покажуваат дека сообраќајот на автопатите, на локалните улици и временските услови влијаат на загадувањето на воздухот“, надополни таа.

Научниците кои работат со загадување на воздухот имаат пристап до сите податоци со пополнување на оваа форма.

„Се надеваме дека овие информации ќе помогнат да изградиме попаметни и одржливи градови, да ги намалиме климатските промени и да го подобриме квалитетот на животот за поздраво живеење“, додаде Тукен-Бетман.

Компанијата вели дека досега регистрирала повеќе од една милијарда податоци, но ветува дека тоа е „едвај почеток“.

Сличен проект започна и „Маунтин вју“ во Оукленд, каде компанијата се соедини со Фондот за одбрана на животната средина и Универзитетот на Тексас во Остин за да ги идентификуваат областите со зголемени нивоа на загадување.

Нивната соработка резултираше со интерактивна мапа која ги прикажува најзагрозените области.