Граѓаните се порасположени за интеграција во ЕУ по дебата на таа тема

Името и идентитетските прашања силно влијаат на перцепцијата на граѓаните за членството во Европската Унија, покажува дебатната анкета за придобивките и предизвиците од членството на Македонија во ЕУ, спроведена од Институтот за европска политика (ЕПИ).

Истражувањето е спроведено од 1 до 7 ноември 2017 година кога се анкетирани 1.200 испитаници, како и на 18 и 19 ноември кога се анкетирани 150 граѓани пред и по организиран дебатен настан за членството во ЕУ, името и идентитетските прашања.

Пред дебатата, 30 проценти целосно се противат на интеграцијата во ЕУ поради стравот од промена на националниот идентитет, додека после дебатата таа бројка се намалува на 19,6 проценти. Анкетата покажува и дека пред дебатата 28 проценти од испитаниците силно ја поддржуваат промената на уставното име доколку името „Македонци“ и „македонски јазик“ се загарантирани, додека по дебатата поддршката се зголемува на 40,9 проценти.

„Вклучyвањето на граѓаните во дебатите за европската интеграција на земјата сериозно влијае врз нивното критичко разбирање на процесот, а ефектот е зголемена поддршка за членството во ЕУ. Дебатните настани од ваков вид ја зголемуваат подготвеноста на граѓаните за соочување со придобивките и предизвиците од влезот на Македонија во ЕУ“, заклучуваат од ЕПИ.

Ставот против промена на уставното име за членство во ЕУ има мала промена пред и по дебатата – од 31,4 проценти на 32,9 проценти од испитаниците.

Мислењата на граѓаните по дебатата се подобриле и по прашањето колку влезот во ЕУ би ја подобрило ситуацијата со демократијата, јавната администрација, судството, медиумите и човековите права во земјава. Наспроти овие области, граѓаните не сметале дека влезот во Унијата ќе ја промени ситуацијата во поглед на борбата против корупцијата.

Анкетата покажува и тоа дека по дебатата, кај граѓаните опаднало мислењето дека Македонија целосно ги исполнува демократските критериуми за влез во ЕУ – од 11,5% на 5,3%.