Граѓаните бараат итно повлекување на предлог-законот за прекинување на бременост

Стотина граѓани денеска пред Собранието протестираа против предлог-законот за прекинување на бременост. Со транспаренти на кои пишуваше „Мое тело, моја одлука“, жените ги исвиркаа намерите на надлежните да го усвојат законот по скратена постапка.

Граѓанските организации упатија порака до Владата итно да го повлече предлогот, со кој дополнително се комплицира процедурата на абортус. Според нив, предлогот задира во основните слободи и права и бидејќи претставува сложен и обемен закон, не смее да се носи во скратена постапка.

„Предлог-законот за прекинување на бременоста ја укинува, односно брише досегашната одредба на слободен избор на жената за прекин на бременоста до 10 гестациска недела, преку воведување на рестрикциони механизми кои не се базирани на научни сознанија и медицина-базирана на докази ниту во согласност со постојните медицински насоки за прекинување на бременоста дефинирани од страна на Светската здравствена организација“, истакнаа активистите во граѓанските организации.

Во прилог може да ја слушнете и анкетата со граѓаните кои беа дел од протестот против предлог-законот за бременоста, пред Собранието на Р.Македонија.

Anketa na gragani na protestot protiv predlog-zakonot za prekin na bremenost by Radio Mof on Mixcloud

Според Драшко Костовски од организацијата Х.Е.Р.А, одредбите во член 6 од предлог законот за прекинување на бременоста за барање до 10 недела, се во колизија со член 2 од предлог законот кој дефинира дека за прекинување на бременоста слободно одлучува жената, што претставува повреда на одредбите од Уставот.

„Се бара доставување на писмено барање од страна на жената за прекин на бременоста, давање писмена согласност за интервенцијата од страна на жената, задолжително пред-абортус советување, известување на брачниот партнер, поставување на задолжително време за чекање од 3 дена по советувањето за да може да се изведе интервенцијата, доставување на потврда од гинеколог-специјалист“, вели Костовски.

Неда Коруновска од организацијата „Реактор“ вели дека законот има слабости бидејќи предвидува нови дискрециони права на министерот, како подготовка на форматот на писмено барање за абортус, воспоставување на акти за советување и клинички протоколи и формирање на првостепени комисии во здравствените институции.

„Сметаме дека треба да биде оставено на лекарската фела ова да го регулира, бидејќи се работи за експертиза која е дел од нивната професија. Предвидени се и многу високи парични казни, па дури и казна затвор за докторите кои не се придружуваат до одредбите во овој закон, дури и за процедури кои не се животно-заканувачки како водење евиденција, известување на партнер итн. што не соодветствуваат со казните при изведување на други медицински интервенции“, вели Коруновска.

Izjava na Neda Korunovska od “REAKTOR” by Radio Mof on Mixcloud

За предлог законот со став излезе и министерот за здравство, Никола Тодоров. Според него, предлог-законот со кој се предвидува жените само еднаш годишно да можат да абортираат, нема за цел да скрати нечие право или некому нешто да му наметне.

„Напротив, овој предлог-закон е речиси идентичен со сегашниот закон кој е на сила, донесен пред 37 години. Со овој Закон не се забранува абортусот, само се ограничува во случај кога е загрозено здравјето на жената. Исто како и во сегашниот закон не се бара согласност од сопругот или родителите, туку тоа и натаму е слободна одлука на жената, а одредени ограничувања има само во ситуации во случај да биде загрозено здравјето на жената. Постоењето на две комисии е регулирано и со сегашниот закон“, истакна Тодоров во медиумите.

Додека граѓаните протестираа пред Собранието, пратениците дискутираа за предлог законот. Пратениците Лилјана Поповска од ДОМ, Ивон Величковски од Либералната партија и Цветанка Иванова од СДСМ побараа повлекување на законското решение затоа што според нив, тоа е крајно рестриктивно и значи враќање наназад за правата на жената. Нивниот предлог не беше прифатен од мнозинството пратеници.

К.О.

Погледнете го видеото од денешниот протест: