Гевгеличани утре ќе протестираат против најавата за нови рудници

Иницијативата „Спас за Гевгелија“ најави протест против изградбата на рудници во нивата околина, откако во јавноста излезе информацијата дека е побарана нова концесија за детални геолошки истражувања за рудници за баркар и злато. Протестот е најавен утре (21 декември), пред Општина Гевгелија и е поддржан сите советници и градоначалникот на Гевгелија.

Како што појаснува Ангел Наков, од „Спас за Гевгелија“, активистите биле во неверување кога дознале дека се бара дозвола за геолошки истражувања за нов рудник.

„Министерот за економија поднел барање на 13 декември за мислење од општина Гевгелија и општина Кавадарци за издавање нова концесија за детални геолошки истражувања за металични рудници за бакар и злато, од истата корпорација која веќе имаше концесија во Гевгелија, а за која граѓаните веќе се изјаснија дека не ја сакаат во нашата општина. Значи тој процес за жал продолжува“, вели Наков.

Градоначалникот и советниците веќе изјавија дека нема да дадат позитивно мислење, вели Наков и објаснува дека утрешниот протест е за да се слушне дека гевгеличани и на референдум кажаа „Не“ за рудниците. Истовремено со протестот, Наков објаснува дека ќе се води и правна битка за да не се дозволи рудниците кои се во изградба, како Казандол, да почнат со работа.

„Гевгелија е засегната и од Казандол, во Валандово, а градежните активности продолжуваат. Ние имавме средба со премиерот и надлежните министерства, со цел стопирање на овие активности бидејќи имаме основани сомневања, посебно за Казандол, дека се работи за една нетранспарентна постапка, каде е исклучена јавноста и според наше основано сомневање се сторени повеќе кривични дела. Како здруженија од Југоистокот ќе го тераме овој правен аспект за да се стопира оваа луда политика“, дециден е Наков.

Гевгелија беше првата општина во која кон крајот на април беше спроведен успешен референдум на кој граѓаните се изјаснија против отворање нови рудници за злато на планината Кожув.