Герила акција во Маврово, активистите бараат безбедни патишта

Неискосената трева крај патот го зголемува ризикот од несреќи. Ова е пораката од новата герила-акција на патот кој по долината на реката Радика води кон Маврово, а со која активистите предупредуваат дека македонските патишта се небезбедни за возење.

Пораката е испишана врз картонската фигура на човек кој во рацете држи коса, за да ги потсети надлежните дека треба да ги искосат високите треви што ја намалуваат прегледноста на оваа делница.

Во рамки на акцијата оставени се неколку коси и за вработените во јавното претпријатие „Македонија пат“ кои се одговорни за одржување на патиштата. Активистите посочуваат дека според анализите ADAC – германската асоцијација за безбедност на сообраќајот, тревните површини и џбунови повисоки од 40 сантиметри крај патот го зголемуваат ризикот од сообраќајни несреќи на двонасочните патишта, со 2 или 3 ленти, за високи 30 до 40 отсто.

Акцијата е поддржана од швајцарскиот фонд Цивика мобилитас. Таа е продолжение на минатонеделната, кога беше укажано на проблемот со иселувањето на жителите во реонот на Маврово и беа поставени табли со бројката на отселени од повеќе села.