Герила акција на СВП: Една вечер поезија – 365 вечери депонија

Транспарент „Една вечер поезија, 365 вечери депонија“ синоќа висеше од дрвениот мост во Струга, додека се одржуваше завршната манифестација на Струшките вечери на поезијата (СВП).

Герила-акцијата беше во организација на граѓанската иницијатива „Стружани за Струга“, со главна цел да се сврти вниманието на јавноста и на политичарите за најголемиот струшки проблем во моментов – загадувањето од депонијата.

Целиот настан се случувал на само десетина метри од Мостот на поезијата, каде се одржуваа СВП, а пред очите на многубројните поети и гости на манифестацијата.

Граѓаните на струга изминатите месеци организираа неколку протести поради палењето на депонијата и загадувањето кое се шири, но таа и понатаму останува на истото место и продолжува да ги труе граѓаните од околината.

Депонијата е долгогодишен проблем струшкиот регион. Лоцирана на неполн километар од градот беше создадена како „привремено“ решение за дислокација на отпадот, за денеска да прерасне во вистинско „чудовиште“ од 750 метри должина, 250 метри широчина и 13 метри висина.