[Галерија] Студентите од Градежен го окупираат факултетот

Студентите од Градежен факултет прогласија автономна зона и им се придружија во окупацијата на своите колеги од Архитектонскиот факултет.

„Ние градиме, вие рушите“ и „Кога веќе не бомбардираат, дигнете се во воздух“ беа само дел од транспарентите кои денеска на пладне беа издигнати пред Градежниот факултет. Студентите кои денеска прогласија автономна зона велат дека се револтирани од измените на Закон за високо образование и истакнаа дека солидарно со останатите колеги заедно ќе се борат за подобро образование. Тие ги повикаа и  сите останати студенти да им се приклучат и да ја бојкотираат формалната настава.

„Уште од првиот марш на 17-ти ноември до денес, сите ние студенти и професори кои му сакаме добро на овој универзитет сме едно бидејќи се бориме за она што уставно му припаѓа на универзитетот, неговата автономија“, истакнаа студентите пред зградата во која се сместени Архитектонскиот и Градежниот факултет во Скопје.

Моника Кочовска