[Галерија] Шах, фризби, дискусии – средношколците кампуваат пред МОН

Се играат шах и карти, се водат долги дискусии. Дел од средношколците времето го кратат со по некоја книга, други со фризби, трети ги поправаат шаторите.  Средношколскиот камп пред Министерството за образование и наука беше поставен утрово, како начин на радикализирање на средношколското дејствување поради незадоволството од новиот начин на полагање државна матура и екстерното тестирање.

Откако утрово експресно беа повикани на средба во МОН што не заврши со договор, средношколците најавија дека остануваат во кампот, со надеж дека на овој начин ќе ги предизвикаат надлежните да ги сфатат сериозно нивните барање.

Во Паркот на новинарите, кој се наоѓа спроти Министерството, се поставени десетина шатори во кои вечерва ќе спијат дел од средношколците од Пленумот. Велат дека засега немаат никакви проблеми, а за кампот имаат добиено уредна дозвола.

„Немавме никакви проблеми, полиција има од утрово до сега, и се менуваат но немаме никакви проблеми.Исто така ова е пријавено и имаме документ со кој што можеме да остануваме, единствениот проблем е со малолетните кои после 11 не би смееле да останат но и тоа планираме да го решиме со правниците од факултетите“, велат за Радио МОФ од Средношколскиот пленум.

Попладнево почнаа да пристигнуваат и граѓани со донации во храна, вода, ќебиња. Од Пленумот упарија апел до сите граѓани кои сакаат да помогнат да донираат вода, пластичен прибор за јадење (лажици, вилушки, тањирчиња), чаши, салфетки, влажни марамици, кафе, чај, шеќер, леб и готови лиснати тестенини, но и храна која не е лесно расиплива, плински боци и овошје.

„Атмосферата до сега е многу активна, луѓето местат шатори, утре очекуваме да дојдат уште три нови шатори, имаме како што гледате плакати наместени, донации, доаѓаат луѓе ни изразуваат подршка, донации во материјална форма и во форма на храна и мијалоци. Вечерва ќе се остане и ќе спијат одредени луѓе, од утре планираме да имаме и генератор, ќе имаме струја ќе имаме музика ќе биде уште помасовно. Сега за сега како први впечатоци сите сме задоволни“, додаваат од пленумот.

Во продолжение низ фотографии, видете ја атмосферата во кампот доцна попладнево:

(1)