[Галерија] Протестен собир за воздух во Аеродром

Под мотото „Сакаме да дишеме“, стотина граѓани се собраа пред општината Аеродром, револтирани од неагилноста на институциите во решавање на проблемот со загадениот воздух, кој со години ги труе жителите на оваа, но и останатите скопски општини.

„Накај 10 часот (навечер), толку е загадено што и самиот воздух како да пржи кога го вдишуваш. На терасите останува еден слој од пепел. Кашламе, загадувањето предизвикува респираторни проблеми, како што е случај кај мојата мајка. Се чувствувам како моменталната владејака партија да ни вика не правете семејство. Има некои кампањи за трето дете, но како да го правиме тоа кога мене ми е страв да родам дете во ваква средина и во вакво опкружување. Страшно е“, вели Елена, која живее во зграда во Ново Лисиче, во првиот ред до Вардар. Таа додава дека иако како граѓани поднесувале претставки до инспекторатот, министерството и општината, надлежните само си ја префрлаат топката.

„Ние како граѓани резултати досега немаме видено. Властите се обидуваат да ни објаснат дека е од грејните тела, но јас имам едно прашање до градоначалникот, дали луѓето се греат и на 50 степени,  бидејки истото се случува и во лето“, додава таа за Радио МОФ.

„Сакаме да дишеме“, „Ни треба ли резервна општина“, „Зрак наместо мрак“ се само дел од пораките кои ги испратија аеродромци. Ним на помош денеска им дојдоа и сограѓаните од Карпош, кои изминатиот период беа активни со својата граѓанска иницијатива против бетонизацијата  во нивната населба.

„Ист воздух дишеме. Загадено е тука, загадено е и кај нас, загадено е цело Скопје. Како одат годините станува се позагадено. Освен што сега прскаат ништо друго не се прави, но мислам дека и ова не е некоја голема акција што може да ја намали загаденоста. Еве јас имам две деца и двете се со респираторни проблеми“, вели Невена Георгиевска од Карпош, која дојде на собирот за воздух во Аеродром.

Релативно малата излезност на граѓаните на денешниот собир, нејзиниот сосед Слободан Михајловски ја оправдува со тоа што настанот е спонтано организран од револтираните граѓани.

„ Ова е граѓанска активност каде никој не ги води централизирано луѓето, со наредби и директиви. Сите се доброволци“, вели Михајловски.

Од граѓанската иницијатива против загадениот воздух во Аеродром најавуваат дека собирите пред општината ќе продолжат да се случуваат секоја недела, во 11 часот.