Веднаш по изгласувањето на измените во Законот за високо образование и државниот испит, студентите и професорите се собраа пред Собранието за да го искажат своето незадоволство од ваквата одлука на пратениците. Присутните запалија свеќи со што и симболично го погребаа македонското реформирано високо образование.
„Со длабока тага ја известуваме сета македонска јавност дека по долго и тешко боледување на ден 14 јануари 2015 година почина Високото Македонско Реформирано Образование (1945-2015). Предвидено е погребот да го изврши претседателот на Собранието Трајко Велјаноски , додека проштален говор пред телото да одржи претседателот на Републиката Ѓорѓе Иванов“ , се наведува во дел од „жалната вест“ од Професорскиот пленум кои ги поканија сите граѓани да дојдат и да запалат свеќа пред Собранието.
Веднаш по изгласувањето на Законот се огласија и студентите од Студентскиот пленум кои соопштија дека ќе ја продолжат својата борба надвор од институциите.
„Универзитетот е на студентите, постои и се развива поради нив. Штотуку донесовте закон кој го не само што ја погребува автономијата и самите универзитети туку и идејата дека студентите се дел од ова општество. Ние сме иднината на Македонија, а вие денес ни го уништивте патот по кој ние треба да се издигнеме како граѓани.
Но нема да ви дозволиме и не се откажуваме. Ја докажавме нашата чиста цел и одново ќе ја чуете, зашто студентите не стивнуваат! Чувствуваме граѓанска одговорност да ја заштитиме слободната мисла. Авторитетите не смеат да бидат апсолутни, и затоа: Ќе бојкотираме, ќе блокираме, ќе окупираме!“ порачаа од Студентски пленум.