[Галерија] „Бори се женски“ секој ден, а не само на 8 Март

„Не сакаме тава, сакаме права!“, „Гласна жена, силна жена“, беа паролите кои се извикуваа на денешниот Марш за женски права, по повод Меѓународниот ден на жената, 8 Март. Стотина жени, но и мажи, излегоа на улица да ја продолжат вековната борба за рамноправност и ставање крај на родовиот јаз. Борбата за еднаквост се води секој ден – на работното место, во домот и секаде во општеството, порачаа тие. Радио МОФ разговараше со некои од нив, а тие ги открија причините зошто се на маршот и што за нив значи Денот на жената.

Фросина

„Зошто излегов на марш? Затоа што не можам да се помирам со фактот дека во ова време во кое живееме, се уште имаме жени коишто не се заштитени, и во однос на здравство, и во однос на работни услови и особено во однос на претрпување на различни форми на насилство. Тие немаат соодветна заштита и тоа е за мене неприфатливо“. – Фросина

Љатифе Шикоска

„Излегов на улица да пренесaм порака до надлежните и релевантните институции и фукционери, да го слушнат гласот на жените. Тие се уште не се застапени подеднакво и немаат исти можности како и мажите, гледано од секој аспект. Меѓутоа, јас особено зборувам за жената Ромка и нејзината еманципација. Не е ништо подобрено, нејзината состојба е уште повеќе влошена. Јас сум Ромка и директно работам со ромската заедница, па можам да кажам дека состојбата на жената Ромка е катастрофална“.

„Осми март претставува афирмација  и напредок на жените, било каде и да се. Меѓутоа, за да го достигнеме тоа ниво, потребно е да бидеме многу поактивни и проактивни, а не пасивни, да чекаме дома некој да ни го реши проблемот и да ја постигнеме целта која ја бараме како жени. Меѓутоа, за жал, се уште постојат жени кај кои традиционалното и патријархалното е присутно. Тие веруваат дека жената е таа која треба само да раѓа и да се грижи за семејството и домаќинството. Тоа е погрешно. За жал, и сега гледаме текстови во медиумите дека во образовниот процес ги трујат децата со ваквите традиционални навики и улоги на жената“ – Љатифе Шикоска

Цвета Перушевска Јончевска

„Излегов бидејќи сметам дека сите треба да се потсетиме што значи празникот. Тоа не е празник на мајки, не е празник на учителки, туку е буквално празник на сите жени, кои во 21 век сè уште мора да се борат за своето право. Бидејќи знаеме дека нема гинеколози во 35 општини во државата, знаеме дека за исти работни места, жените и мажите не се исто платени. Јас овој ден го доживувам преку моите деца, ќерките кои ми го честитаат. Јас се обидов да им објаснам дека и покрај тоа што се девојчиња, ова е и нивен празник затоа што еден ден и тие ќе треба на своите деца да им пренесат што значи 8ми Март. Тоа не е само цвеќето за учителката и другите подароци, туку е ден што има големо значење за правата на жените“. – Цвета Перушевска Јончевска

Вилдан Дрпљанин

„Јас излегов да го поддржам маршот на жените коишто се борат за рамноправност во македонското општество, што сметам дека е особено значајно во овој период во државава. Се наоѓаме во подолга политичка криза која ја решаваат само четири мажи. Сметам дека вклученоста на жената во политичкиот живот, и воопшто во општествениот контекст, е ретко, а дури и кога е вклучена жената е исмевана, и се припишуваат некакви карактеристики, цел е на некои напади на коишто маж не би бил изложен… Сметам дека овој ден е посебно значаен за да се крене свесноста за овие прашања и да се актуелизираат овие проблеми во македонското општество“. – Вилдан Дрпљанин

Ана Василева

„8 Март е денот што лично го доживувам како женската борба за рамноправност во економска, општествена, и во секоја друга смисла“. – Ана Василева

Јулијана Николова

„Дојдовме овде да го прославиме празникот во неговиот вистински смисол – не е прославување, не е кафеана и пеење. Осми март има сосема друг контекст, борба за женски права, надминување на родовиот јаз и подобрување на положбата на жената воопшто. Сакаме да кажеме дека нашата борба нема да застане се додека жените немаат економска и социјална безбедност и не го заземат вистинското место во процесот на одлучување, креирање на политики и се додека економската стабилност на жената не биде гарантирана од државата.

Жално е што во оваа земја имаме нарушување не само на женските права, туку и на човековите. Затоа, оваа борба треба да биде паралелна со борбата за човекови права. ја имаме таа одговорност и среќна сум што има волку голем број на луѓе кои ја поддржуваат оваа идеја“. – Јулијана Николова

Јована Димушевска

„Факт е дека живееме во далеку нерамноправно општество во кое не се почитува ниедно женско право. Немаме рамноправност, не ни е ценет трудот, не ни е почитувано ни правото на избор. Од таа причина, денеска сум тука и не ги прифаќам прославите и подароците. До рамноправност ќе дојдеме само со едуцирање на неедуцираниот народ. Возможно е, но треба да има волја и кај самите луѓе, да научат, да прифатат ново гледиште на жените. Не треба уште да го тераме традиционалното и патријархалното, дека жената е домаќинка и мајка. Би било далеку поедноставно доколку новите генерации ги научиме во какво општество треба да живееме. Но, двете работи треба да се водат паралелно и е потребно време, труд, упорност и волја на самиот народ да го смени тоа. Ние сме тука само да го поттикнеме тоа и да покажеме дека навистина ни е потребна промена, не само нам, туку и на секоја жена, мајка, ќерка, другарка. Сосетка…“. – Јована Димушевска

Блажен Малески

„Се чувствувам како феминист бидејќи ги почитувам и ги поддржувам жените во борбата за нивните права и еднаквост, низ целата година, а не само на 8 Март. Денеска излегов на маршот да им дадам поддршка на моите другарки, особено на оние кои се во првиот ред и го држат транспарентот“. – Блажен Малески

Калиа Димитрова

„Идејата на мојот транспарент доаѓа од историјата кога жените кои биле гласни ги палеле на клада и сега ние сме прапрапра…внуките на вештерките, гласни сме и нема да нè запалат.

Излегов на маршот бидејќи сметам дека борбата тукушто започнува и мислам дека борбата за женски права е борба за едно рамноправно општество, борба за солидарност, не само помеѓу половите, туку генерално за хиерархијата што постои во општеството, на локално и на глобално ниво. Мислам дека овој ден едноставно треба да биде симбол за нешто што треба да се бориме секој ден.

За мене, 8ми март е потсетник дека сите права коишто ние жените ги имаме денес се добиени по потешкиот пат и доколку го заборавиме тоа ќе ни бидат одземени, бидејќи знаеме дека многу од тие права ни висат на тенок конец и мора да излеземе на улица да си ги бараме“. – Калиа Димитрова

Иван Менкиноски

„Женската еманципација значи и наша (на мажите) и сечија еманципација. Жените во Македонија се соочуваат со нееднаков третман на работното место, во домот, има многу забележани случаи на насислтвоврз жените и време е сето тоа да се спречи. Мислам дека се наоѓаме во време во нашето општество во кое ќе се случуваат промени. А, нема подобро место за да се почне од барањето на еднакви права за жените. Еднаквоста ќе ја постигнеме, освен со маршови како овој, ако почнеме секој од себеси. Дали се менаџери во големи фирми кои можат жените да ги вработуваат, дали се постари мажи коишто можеби имаат поинакво воспитување и имаат патријархален однос кон жените, мислам дека сите треба да почнат од себе. Но, ни требаат промени и во законодавниот дом“. – Иван Менкиноски

Емилија Петреска/Стефанија Тенекеџиева

//