ОБНОВЕНО: [Галерија] Бојкот на наставата на техничките факултети

Само еден ден пред Студентскиот генерален пленум закажан на пладне на платото пред Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, студенти од техничките факултети ги повикаа своите колеги да ги напуштат предавањата и да ја бојкотираат наставата.

„Ве повикуваме заедно со нас да не се појавувате на наредните предавања. Бојкотирајте ја наставата бидејќи голем број студенти коишто го сторивме тоа веќе си отидоа накај дома“, беа зборовите со кои студентите ги повикуваа своите колеги да им се приклучат.

Со платното на кое пишува „Автономна зона“ тие ги посетуваа предавалните на комплексот на Техничките факултети. Студентите сметаат дека ова е јак метод за создавање притисок врз надлежните институции со цел да се почне креирање нов Закон за високо образование со вклученост на студентите при неговото носење.

„ Идејата зошто се одлучивме за ваков метод е тоа што и покрај тоа што денеска има седница на којашто ќе се одлучува за мораториум на Законот за високо образование, ние сметаме дека ако не направиме притисок, повторно покрај тој мораториум ќе останеме изигнорирани од надлежните институции“, изјави студентот Бојан Матовски од Студентски пленум.

Пленумците се задоволни од денешната акција со оглед на тоа дека бројот на студентите кои им се приклучуваа се зголемуваше. Генерално, професорите останаа на страна и ги оставија студентите да одлучат.

Воедно, студентите најавија и локален пленум на техничките факултети за договарање на идните акции, денеска во 19 часот.