Група активисти на #Протестирам вчера симболично го блокираа делот за полетувања на аеродромот „Александар Велики“. Со „потерници“ во раце и порака „Не ги пуштајте да ги избегаат“, тие сакаа да потсетат дека во вакуумот креиран од политичките преговори, Јанакиески и Мијалков се слободни да ја напуштат земјата и јурисдикцијата на Репубика Македонија.
„Одговорноста за пречекорувањата на службената должност на поранешниот Министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата на безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, не завршува со нивните оставки“, велат од #Протестирам.
Тие сметаат дека треба да бидат и целосно тргнати од политичката сцена, да сносат правна одговорност пред независно и непартиско судско тело. Во согласност со заклучоците од судскиот процес, ако се утврди кривична одговорност, треба и да го вратат украденото.
#Протестирам започна со протести секој ден во 6 часот попладне откако на 5 мај, опозициската партија СДСМ објави „бомби“ со кои обвини за релативизирање на случајот со Мартин Нешковски од страна на високи владини функционери.
Тие и вчера спроведоа герила акција „пломбирајќи“ повеќе државни институции, бидејќи според нив институциите се нелегитимни, а во престојниот период најавија нови акции.