[Фото] Платно и флаери на кампусот на УКИМ за оцрнување на Студентскиот пленум

Платно на кое пишува „Само СДСМ, Соросовиот Пленум и Папуа Нова Гвинеја спречуваат избори“ утрово осамна на влезот на кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На студентите кои одат да гласаат за идниот претседател на Студентскиот парламент им се делат флаери на кои е прикажана членка на Студентскиот пленум, во присуство на пратеничката Радмила Шеќеринска од редовите на СДСМ, јавува репортерката на Радио МОФ.

Изборите започнаа во десет часот и засега атмосферата е мирна. Репортерот на Радио МОФ јавува дека на Правен факултет нема параван зад кој студентите по правило треба да гласаат.

За денеска е најавен активен бојкот од страна на Пленумот, бидејќи според нив овие избори се нелигитимни и нелегални, и не треба да се случат.

Репортерите на Радио МОФ активно ќе ги следат студентските избори, а најинтересните моменти ќе може да ги проследете преку нашите прилози и видео стримот на Фејсбук страницата на Радио МОФ.