[Фото] Илјадници граѓани на протест за воздух во Тетово

Тетовци повторно во голем број излегоа на улица за да побараат почист воздух и да ги натераат институциите да си ја работат својата работа. Протестот денеска го организираат движењата „Еко герила“ и „Мајка и дете“, револтирани од катастрофалната еколошка состојба во градот.

„Нема правда нема мир“ , „Сакаме воздух, не не трујте“, извикуваат граѓани, ученици и активисти кои околу 13 часот се собраа на плоштадот „Илирија“.

„Нашиот град исчезнува, нашите граѓани се по болниците, на нашите животи им доаѓа крај. Оваа состојба не се толерира. Ова труење не се трпи!“, порачаа активистите од најзагадениот градови во земјава.

Тетовските градски власти од вчера донесоа одлука за прекин на наставата во градинките, основните и средните училишта поради аерозагадувањето. Според одлуката, која беше донесена по бојкотот и протест на дел од учениците,  наставате нема да се одржува до крај на полугодието.