[Фото] Граѓани во Турција излегоа на улица за да се спротивстават на воениот удар

Повикот на претседателот Реџеп Таип Ердоган го послушаа голем број на луѓе, кои се веќе на улиците низ Истанбул и Анкара, спротивставувајќи се на воениот удар што започна вечерва.

Дел од нив извикуваат „Рамо до рамо, против државниот удар“.

Во обид да се спротивстават на војниците кои изразија непослушност кон Ердоган, дел од демонстрантите ги блокираа тенковите. Според локалните медиуми, неколку тенкови го блокираат турскиот Парламент, а се слушнале и неколку истрели и експлозии во центарот на Истанбул.

Ердоган преку Скајп ги повика граѓаните да излезат на улица и да се спротивстават на како што го нарече „нелегалниот чин“ против државата. Тој рече дека станува збор за мала воена група и за неа ќе следи висока казна.

Воениот удар започна во 21 часот, по локално време, откако авиони и хеликоптери прелетуваа над главниот турски град Анкара и беа блокирани двата најголеми мостови во Истанбул.

Воената група упадна и во државната телевизија, каде ја натераа спикерката на вестите да го прочита нивното соопштение во кое се вели дека државниот удар е успешен и дека армијата ја презеде државата. Тие велат дека државниот удар е со цел да се вратат уставниот ред, човековите права и слободи, владеењето на правото и националната безбедност, за кои сметаат дека се оштетени од страна на Ердоган.

Според локалните медиуми, шефот на турските вооружени сили генералот Хулуси Акар е под заложништво во Генералштабот.

Новинската агенција Скај њуз обезбеди видеострим од случувањата во Анкара и Истанбул.