Панорамско тркало, коњ, палми во новиот парк на Бенкси – „Дизмаленд“

По неколку дена шпекулации, графити уметникот Banksy го откри неговото ново дело во Велика Британија, кое се наоѓа во близина на кејот во Вестон на Мара, на местото на поранешен базен на отворено. Паркот е именуван како Дизмаленд, односно „Dismal Lаnd“ – „Мрачна земја“. Дел од фотографиите од паркот веќе ги објави БиБиСи. Како што забележуваат корисниците на социјалните мрежи од земјава, неколку од сцените во Дизмаленд ( на фотографиите подолу) со палмите, знамето, исправената скулптура на коњ, многу потсетуваат и на делови од проектот „Скопје 2014“,

9
111

Паркот ќе располага со 18 атракции и голем број дела на современи уметници.

Изминатава недела, официјалниот сајт на новиот парк објави фотографии на кои се гледа како се одвива изградбата, кога всушност почнаа и шпекулациите дека позади овој проект стои токму Бенкси.

 

Уметникот, за кој се мисли дека потекнува од овој крај, преку соопштение до медиумите изјавил:

„Уште како мал го сакав Тропикана, така што отворањето повторно на овие врати е вистинска чест. Се надевам дека секој од Weston ќе ја искористи можноста уште еднаш да застане на локва вода, јадејќи чипс додека слуша расплакани деца“.

Паркот претставува прва одобрена инсталација на уметникот во Велика Британија од 2009 година. Објектот порано бил базен на отворено, но поради недоволна посетеност бил затворен во 2000 година.

Дизмаленд ќе биде отворен за јавноста од оваа сабота, а ќе работи до 27 септември. Уметникот го опишува паркот како фестивал на уметноста, возбудувањата и анархизмот.

Според информациите достапни на веб-страницата, во паркот ќе биде сместен замокот на Пепелашка, модел на село и кино, кои ќе имаат за цел да испратат сатирична порака.

Изградбата се одвиваше во тајност изминативе месеци, со приказна дека на тоа место се гради филмски град за криминалистичкиот трилер Grey Fox.