Иако во последните години нивното одржување е проследено со вложување на значителни финансиски средства, сепак состојбата во дел од државните студентски домови не ги задоволува условите за домување, констатира Државниот Завод за ревизија во последниот извештај од ревизијата за успешност на студентските домови.
Ревизијата извршила увид во државните студентски домови „Скопје“ – Скопје, „Пелагонија“ – Скопје, „Никола Карев“ – Охрид и „Кочо Рацин“ – Битола, каде констатира повеќе проблеми кои го отежнуваат живеењето на студентите. Според ревизорите, потребна е промена и реконструкција на електричната инсталација во зградите која е доста стара и не ги задоволува потребите на современото живеење.
Постои потреба од реконструкција и санација на санитарни јазли кои се наоѓаат во лоша состојба како и комплетна инсталација за ладна и топла вода.
„Исто така постои потреба од реконструкција на санитарии во помошните простории (трпезарија, кујна, читални…), кои во дел од домовите воопшто не се реконструирани, а масовно се користат. Промена на кров и кровна конструкција е потребна во дел од државните студентски домови, како и промена на врати и прозорци, кои се стари повеќе од 30 години и не прдоинесуваат за енергетска ефикасност во државните студентски домови. Редовна поправка и сервисирање на лифтовите е неопходна, поради безбедноста на студентите и вработените“, се вели во извештајот на ДЗР.
Поради тоа што објектите на „Невена Георгиева Дуња“ во Скопје не ги задоволуваат условите за сместување на студенти, тие се исклучени од конкурсот за студентската 2014/2015 година.
„Ревизијата е на мислење дека се потребни поголеми зафати за да можат државните студентски домови да го следат трендот на современото живеење и да се создаваат современи услови за сместување на студентите. Потребно е да се направат квалитативни чекори за студентските домови да станат примамливи, како за студентите, така и за други лица кои можат да ги користат овие капацитети во месеците кога во нив не се сместуваат студенти“, препорачуваат од ДЗР.
Студентот Дарко Малиновски од Студентски пленум вели дека иако фокусот на пленумот беше насочен кон Законот за високо образование, тие веќе подолго време алармираат за состојбата на студентите кои домуваат во студентските домови
„Она што е интересно е што премиерот се сети дека постојат група на граѓани кои се викаат студенти и на неговата трибина излезе со предлог дека иако не ветил, тој ќе обезбеди за секое социјално загрозено семејство да има таблет. Сметаме дека пред се е многу поважно студентите да имаат човечки услови во студентските домови. Со таква еднократна награда на студентите само се остава впечаток дека се мисли на таа категорија на граѓани, но тоа не го решава туку го засенува вистинскиот проблем, а тоа се условите во студентските домови и студентскиот стандард“, вели Малиновски.
Портпаролката на Министерството за образование и наука, Ардијана Ќамили не е достапна за коментар за забелешките на ревизорите за состојбата во студентските домови. МОН испратиле одговор на извештајот на ДЗР, во кој се вели дека во текот на оваа година, министерството планира да преземе активности за избработка на анализа заради утврдување на реалната состојба на студентите домови.
Државните ревизори имаат повеќе забелешки и за постапката за сместување во студентските домови. Со извршениот увид во распишаниот конкурс за прием на студенти за академската 2012/2013 и 2013/2014 година, се констатира дека доставените конечни ранг-листи не нудат информација за бројот на освоени бодови за секој кандидат поединечно, со што би се потврдило доделеното место, како и дека е утврдена разлика во содржината во извештаите на комисиите за прием на трите универзитети што укажува на отсуство на критериуми и процедури за постапување.
„Извештајот на комисијата при УКИМ нуди оскудни информации за бројот на примените студенти и не нуди информации за бројот на пристигнати/разгледани пријави, примени, одбиени студенти, како ни поделба на бројот на примени студенти од повисоките студиски години и бруцоши“, констатира ДЗР.
Според извештајот, сместувањето на студентите во капацитетите кои не се дел од студентските домови и необјавување на конкурсот за прием влијае на реалноста и објективноста во утврдувањето на вкупните сместувачки капацитети и нивна објава во конкурсот за прием.