Џафери: Ако се оди според планот, на 6 август ќе ги распишам локалните избори

Локалните избори ќе бидат распишани на 6 август ако нема промени во планот тие да се одржат на 15 октомври, вели претседателот на Собранието, Талат Џафери, во интервју за државната новинска агенција МИА.

„Ако вака останат работите, 6 август е краен рок да ги распишам локалните избори и со тоа да почнат да течат роковите и организацијата во однос на локалните избори, а потоа би работеле до почетокот на предизборната кампања до 25 септември. Во тој период би ги разгледале новите предлози на Владата што ги најавува, околу 30 закони, дел од предлог-законите што се процедура од пратениците, би ги завршиле преостанатите седници односно точки, главно извештаи на соодветни институции и тоа од прилика би била динамиката до локалните избори“, рече Џафери.