Дружење и учење: Започна Летната академија на МОФ

Седумдесетина учесници од цела Македонија денеска пристигнаа во Извидничкиот камп во Охрид за да бидат дел од традиционалната летна Академија на Младинскиот образовен форум (МОФ).

Дружење и учење: Започна Летната академија на МОФСледните пет дена тие ќе имаат можност да учат како преку активизам може да се променат работите во општеството, кои се граѓанските права и слободи, како би можеле креативно да се изразуваат на јавните простори, како да дебатираат.

Оттука и темата на годинешната академија „Граѓански и политички права и слободи“, која ќе биде обработена преку тренинг сесии, работилници и изведби во областите: комуникации, медиуми и улични уметности (дебата, стенсили, онлајн -активизам, изработка на ракотворби, инсталации, улични уметности, организација на настани).

„Јас се надевам дека алатките кои ќе ги научите за време на оваа Академија ќе Ви помогнат да направите промени во општеството, и на локално, но и на национално ниво. Живееме во време во кое младинскиот активизам се задушува од сите страни, но сите ние мора да се избориме со тоа и да направиме промени“,  се обрати пред учесниците Петар Антевски, еден од координаторите на Академијата за време на нејзиното отворање.

За учесниците пак кои се на возраст од возраст од 14 до 20 години,  летната МОФ академијата очекуваат дека ќе биде одлично место и за учење и за дружење.

Покрај предавачите од МОФ, годинава на Академијата работилници свои работилници ќе имаат и Владимир Милчин (режисер и извршен директор на ФООМ), Сања Арсовска (актерка) и Искра Гешоска (претседател на Асоцијацијата на независната културна сцена ЈАДРО).

Утре (27 август) како дел од програмата на летната академија ќе се одржи и панел-дискусија на тема „Искуства од прва рака: активизмот во македонски услови“ во која учество ќе земат претставници од невладини организации: Сандра Анастасовска и Сања Божовиќ [МОФ], Даниел Калајџиески [ХЕРА], Дејан Ивановски [Го сакам ГТЦ], Петрит Сарачини [Заедно за мир] и Џелал Хоџиќ [АМАН].