Дрон го снимаше местото на несреќата, остатоците од авионот се подигаат за вештачење

Основното јавното обвинителство (ОЈО) информира дека во текот на вчерашниот дел завршило снимањето со дрон на местото каде се случи авионската несреќа во селото Кожле, скопско.

Во вечерните часови биле изготвени снимките и предадени се на натамошно постапување во Основното јавно обвинителство Скопје. Снимките во корелација со останатиот прибран доказен материјал, велат од таму, ќе бидат предмет на анализа на Јавните обвинители и стручните лица од формираниот тим за истрага на авионската несреќа.

„Во тек на вчерашниот ден во Институтот за судска медицина се пренесени телата на шестмината починати патници од авионот. По наредба на Јавен обвинител ќе биде спроведена постапка на нивна идентификација преку ДНА анализи“, соопштува ОЈО.

Од таму нагласуваат дека денеска на местото на настанот екипите работат на подигање и пренесување на остатоците од авионот кои во текот на вчерашниот увид биле означени и обезбедени. Остатоците и другиот материјал ќе бидат пренесени на локација обезбедена од ОЈО Скопје, каде стручни лица ќе извршат неопходно вештачење.

„Поради обемноста на материјалот и потребите на истрагата, подигањето и пренесување на материјалот ќе продолжи и во текот на утрешниот ден“, се вели во соопштението на ОЈО.