Доработениот ДУП во Аеродром повторно носи реакции и недоумници

Општина Аеродром повторно го враќа Детален урбанистички план за делот од Острово и Мајчин дом, кој пред половина година наиде на критики за бројот и местоположбата на објектите и паркинзите, по што беше повлечен на доработка. Иницијативата „Сакамe Аеродром да дише“ овој ДУП долго време го карактеризира како скандалозен со кој би се задушил Аеродром, но сега реагира и за процедурата за негово потенцијално донесување.

Имено, низ социјалните мрежи и дел од медиумите се прошири веста дека предлог-ДУП-от ќе биде изложен на јавен увид од 18.11. (петок) до 01.12.2016, секој работен ден од 9:30 до 17:30 часот во Урбана заедница Острово.  Јавната презентација на планот, пак, би се одржила на 21.11.2016 (понеделник), на истото место во 13 часот.

Иницијативата „Сакамe Аеродром да дише“ ги повика аеродромци да присуствуваат и „го спасат Аеродром од урбаната мафија“, но истовремено алармираат и за можно кривично дело или смислена измама на Советот на општината и на граѓаните.

„Аеродромци, градоначалникот Коневски повторно се обидува да се стави над законот! Имено, на следната седница на советот на општина Аеродром кој треба да биде оддржана на 21 Ноември, на дневен ред ја нема Предлог-нацрт одлуката за донесување на ДУП. Според тоа сите информации кои ги испраќаат од кабинетот на градоначалникот Коневски се незаконски. Без донесен Предлог-нацрт одлука за измена на ДУП истата не може да биде ставена во процедура за донесување односно не може да стане Нацрт-одлука која се доставува на јавен увид. Сите најави за некаков јавен увид се директно кршење на Законот за локална самоуправа и се гонат по службена дејност како кривично дело за повреда на Член 50 став 2 алинеите 2 и 4 oд Законот за Локална самоуправа“, стои во реакцијата на „Сакаме Аеродром да дише“, од каде објавија и фотографија.

Дневниот ред за седница на општина Аеродром за 21 ноември, објавен од „Сакам Аеродром да дише“

Дневниот ред за седница на општина Аеродром за 21 ноември, објавен од „Сакаме Аеродром да дише“

Од Општина Аеродром не добивме одговор дали изменетиот т.е. доработен нацрт-ДУП ќе биде ставен на гласање на наредната седница на Советот на општина Аеродром. Од таму единствено потенцираат дека станува збор за доработка на ДУП за градска четврт И 10, за кој беше прекината постапката пред неколку месеци.

„При изработката на планот беа земени предвид забелешките на граѓаните во поглед на пристапните улици што поминуваат на зелена површина, како и подземното паркиралиште во близина на Мајчин дом. Тие се отстранети од планот и тој повторно ќе биде ставен на увид на јавноста“, велат Општина Аеродром за Радио МОФ, но истовремено не дадоа конкретен одговор за датумите за јавната презентација и расправата.

Инаку, Аеродром целата постапка за ДУП-от ја почна некаде на почетокот на март, кога се појавија недоумници за тоа дали 20, 30 или 40 нови згради ќе се подигнат низ општината.

Нацрт-ДУП за градска четврт И 10, пред да оди на доработка, со локациите кои беа забележани од иницијативата

Најавите за нови градби предизвикаа низа јавни реакции, пред се’ револт се прошири меѓу локалното население, кое се противеше на уништување на било какво зеленило. Бараа и образложение и подетална анализа како (со измените на ДУП-от) предвидените згради би влијаеле врз загадувањето, дали се работи за одговорно и хумано планирање, дали би се создал дополнителен сообраќаен хаос… Ваквата закриженост се рефлектираше и низ социјалните мрежи, па се активираа и иницијативите „Сакаме Аеродром да дише“ и „Стоп за загадувањето во Аеродром и Лисиче“. Низ нив се уште се делат и шират информации, предлози, идеи, а своевремено се споменуваа и петиции, собирање потписи против одредени градби.

Во првично изложениот ДУП за четвртот И 10 (од Железничка станица до СЦ „Јане Сандански“), можеше да се забележи маркичка кај зградата „Неоком“/„Оне“, на постоечкиот паркинг. Таму беше вцртан објект од П+7. Потоа, неколку објекти и училиште во стариот дел меѓу Железничка станица, новиот мост и сино-портокаловата зграда што веќе се подигнаа близу Вардар. Ова е потегот меѓу реката и улицата „Владимир Комаров“, каде има стари градби и вулканизер. Конкретно, до оваа улица имаше вцртано една зграда во облик на латинска буква „З“, со осум катови и поткровје, а подолу накај Вардар се две згради и училиштето.

Парцелата кај Мајчин дом

Парцела кај Мајчин дом

 

Потенцијална зграда со осум ката и поткровје беше впишана и кај рибниот ресторан, до училиштето „Браќа Миладиновци“. Со понатамошното усвојување на нацрт-планот би се овозможила и изградба на три големи локации на потегот од Фондот за пензиско осигурување до „Тинекс“, покрај текот на Вардар, каде исто така има стари куќи. Зафатот што предизвикуваше незадоволство, се чини, беше кај кулата 8, односно „Владимир Комаров“ бр.23. Иницијативата „Сакам Аеродром да дише“ алармираа дека со ново решение, оваа кула ќе стане „остров“, заобиколена со асфалт од сите страни.

Исто така, револтот беше насочен и кон најголемата локација за потенцијална градба – зелениот дел покрај булеварот „Јане Сандански“, паралелно со Мајчин дом до Три бисери. Таму планот овозможува подигнување зграда од 10-ина катови, заедно со околна подземна гаража, која, пак, сега Аеродром тврди е отстранета од ДУП-от.

Според Катастарот, „Масив констракшн“ е сопственик на тоа неизградено земјиште со површина од 3.538 метри квадратни. За „Масив контракшн“ беше објавено дека е подружница на „Камчев консалтинг ДООЕЛ Скопје“, кое се поврзува со бизнисменот Јордан Камчев.

Б.Ш.