Детските бракови растураат илјадници ромски животи

Алмира на 16 години заминала од дома да живее со 21-годишниот Дестан, во заедница по традиционалните ромски обичаи. Родителите на девојката биле шокирани, а на момчето биле согласни со бракот и не дозволувале таа да се врати дома. Поради возраста на Алмира, полицијата и правосудството законски не можеле да сторат ништо.

Денеска, две години подоцна, Алмира и Дестан живеат во вонбрачна заедница и имаат двегодишна ќерка, но немаат завршено средно училиште и работа. Поради семејните расправии, Алмира често се враќа во куќата на нејзините родители, па повторно доаѓа кај мажот за да се грижи за детето.

„Ова не беше животот што го посакувавме за нашата ќерка. Се надевам дека некогаш ќе престане оваа практика. На некој начин. Еден ден“, раскажува мајката на Алмира.

Оваа трагична приказна од студијата за малолетнички бракови изработена од граѓанската организација Рома С.О.С, е само една од стотиците слични семејни драми кај ромската популација во Македонија.

siva-zona

Љатифе Шикоска, од невладината Амбрела која беше партнер во изработката на студијата, секојдневно на терен се соочува со проблемите кои произлегуваат од детски бракови. Според неа, причината за овие случаи лежи во ниската свест кај родителите, недоволното образование кај младите, но и обичаите. Родителите се плашат девојчето пред време да не ја изгуби невиноста – кое сè уште е многу важно во ромската традиција, па за да не се посрами семејството се одлучуваат на рани бракови.

„Имаме случаи кои, за жал, завршуваат со негативни последици. Тие малолетни мајки не се доволно зрели да се грижат за своите деца. Потребна им е помош од потесното семејство. Дури тогаш, од после, тие ги сфаќаат последиците. Во тие заедници доаѓа до семејни проблеми, немаштија, кавги, расправии и малтретирања . Имало случаи и на семејно насилство, што на крај доведува до раскин на тој брак. Малолетничката мајка станува самохран родител и таа е дополнителен товар на своето семејство“, вели Шикоска.

Според Конвенцијата за правата на детето на Обединетите Нации, секое лице под 18 години се смета за дете. Токму затоа терминот детски бракови се користи како најсоодветен за склучувањето брак или живеењето во неформална заедница помеѓу и со лица под 18 години.

Додека ниту една институција во земјава не собира податоци за овие случаи, според истражувањето на УНИЦЕФ од 2011 година, процентот на склучени бракови кај ромски девојки на возраст од 15 до 19 години е 22%, што е многу повисок од македонскиот просек од 4%. Бројот на девојки на таа возраст кои родите или биле бремени во тој момент, во ромските населби бил 18%, а националниот просек 3%.

Несиме Салиоска, од Рома С.О.С, која е автор на публикацијата, вели дека прашањето на детските бракови скоро никогаш не било поставувано како приоритет, но со оглед на последиците кој го има врз развојот на децата, како сиромаштијата, семејното насилство, необразованоста или раната бременост, неопходно е да се дејствува.

„Идентификувавме отсуство на офцијална статистика за бројот на детски бракови во Македонија, недостаток на протоколи помеѓу државните институции да постапуваат во справување и санкционирање на ваквите случаи, како и недоволно обуки и кампањи, односно прашањето се третира како дел од традицијата со посебен фокус на ромската заедница, а не како прашање од аспект на повреда на детските права, што е наш став“, објаснува Салиоска.

dsc_0988

Препораките од студијата се поместување на законската граница за санкционирање малолетнички брак од 16 на 18 години, како и уредување на вонбрачните заедници кои се сè почести на терен, а не се регистрирани од институциите. Студијата препорачува и промена во Законот за средно образование која би наложувала средното училиште да достави информација до надлежни институции доколку средношколец го напуштил образованието поради вонбрачна заедница.

Во македонското законодавство водечки принцип треба да биде недискриминацијата и принципот на најдобар интерес на детето, кој треба да го проценат институциите, но според заменик Народниот правобранител, Васка Бајрамовска – Мустафа, тоа сигурно не е стапување во брак со 14 или 16 години.

„До нас нема ниту една поднесена претставка од родител, дете или институција за ова прашање, туку луѓе често доаѓаат со барање совет како да се стапи во брак со лице кое не е полнолетно. Нашите совети се во насока на почитување на законите – едно е да постои љубов меѓу младите, а друго е тие да бидат подготвени да одговорат на тие брачни односи, формирање на семејство, раѓање и одгледување на деца, наспроти остварувањето на правата кои со таква заедница остануваат заборавени  – како правото на работа, на образование, усовршување на момчето или девојчето“, објасни таа.

Денешната дискусија во Шуто Оризари е втора, од вкупно шест кои Рома С.О.С ги планира низ повеќе општини во Македонија на разговараат и советуваат млади лица за опасностите од детските бракови, кои во студијата, 35-годишна Ромка, ги опишува сликовито.

„Девојките си играат „соседи“, и веднаш после расправијата со својот сопруг се враќаат дома кај своите родители, па потоа пак се враќаат кај сопругот. А момчињата изиграваат „каубојци“ и излегуваат со своите пријатели и продолжуваат да се однесуваат како да не се во брак“.

Даниел Евросимоски

//