Десетици лица повредени по земјотресите во Скопје, отворена е посебна линија 195

Околу 50 граѓани се повредени после земјотресите во Скопје, пренесува 24 здравство. Над 30 пациенти со скршеници на рацете и нозете, расекотини попладнево биле примени во Клиниката за хируршки болести св.Наум Охридски. Десетина други пациенти, пак, се третирани во ГОБ „8 септември“.

Како што изјавиле некои од пациентите, се повредиле додека се обидувале да избегаат од домовите за време на силниот земјотрес. Некои паднале по скали, други скокале од терасите од пониските спратови.

Поради вториот силен земјотрес кој попладнево по 15:10 часот, со јачина од 5,1 степени по Рихтеровата скала го погоди скопското подрачје, а беше почуствуван и во другите делови од земјава, граѓаните во паника ги напуштија објектите. Голем дел од нив се уште се на улица, или во парковите, а некои решија и да го напуштат градот.

Скопските трговски центри беа евакуирани, а за вечерва е откажана и скопската премиера на филмот „Ослободувањето на Скопје“ бидејќи поради земјотресот се оштетил и паднал дел од плафонот во Киното Милениум. Проекцијата беше закажана за 20 часот вечерва, а  гостин требаше да биде Раде Шербеџија.

Во дел од домовите е регистрирана помала материјална штета како скршени предмети, плочки, додека во населбата Железара падна оџак од зграда врз автомобил.

Од ЕВН Македонија велат дека прекин на снабдување со електрична енергија има во централното градско подрачје на Скопје, во делот кај Стајковци и кај Бутел.

Вонредна седница попладне одржа Управувачкиот комитет за за кризи, а отворен е и посебен телефонски број 195 на кој сите граѓани можат да побараат проценка дали нивните објекти се безбедни за живеење. На 194, граѓаните може да се јават на Брзата помош ако не се чувствуваат добро.

Задолжени се сите општински кризни штабови да извршат увид на терен на состојбата на објектите и на инфраструктурата и да пријават штети.

Скопје денеска го потресоа повеќе  земјотреси. Првиот посилен се случи во 6:58 часот наутро, а веднаш по него следуваше и помал. Првиот беше со јачина од 3,9 степени по Рихтер, а вториот земјотрес со јачина од 2,8 степени.

Во 15:10  часот, пак, беше почувствуван со јачина од 5,1 степени по Рихтеровата скала, со епицентар на седум километри североисточно од центарот на градот, со длабочина од два километри.

Дирекцијата за заштита и спаување објави и прирачник за самозаштита при земјотрес.