Демонстрантите го пробија безбедносниот кордон во Давос за протест против Трамп

Илјадници анти-капиталистички активисти маршираа низ повеќе швајцарски градови синоќа во протест на најавената посета на американскиот претседател Доналд Трамп на Светскиот Економски Форум во Давос.

Дел од демонстрантите го разбиле и безбедносниот кордон во Давос, каде протестите се строго забранети, за да го искажат својот револт од одржувањето на форумот и доаѓањето на Трамп.

Во Давос е видливо големото присуство на безбедносните сили, поради годишниот собир на светските политички и економски лидери во швајцарскиот град на Алпите.

По улиците патролираат војници и снајперисти, а низ целиот град се вршат безбедносни проверки – на патните правци, хотелите и местото каде ќе се одржи форумот.

Сепак 20-тина демонстранти успеале да го разбијат безбедносниот обрач и да стигнат до центарот на градот држејќи транспаренти со порака да се запре самитот. Протестот, според новинските агенции, бил мирно разбиен од полицијата.

Според проценките на полицијата, околу 2.000 луѓе протестирале во Цирих, а уште неколку стотици марширале на плоштадите во Женева, Лозана и Фрибур.

Демонстрантите носеле транспаренти со анти-глобалистички и еколошки пораки како: „Не за Трамп, не за јагленот, не за гасот, не за фосилни горива“, додека марширале во близина на финансискиот дел на Цирих.

Американскиот претседател треба да пристигне во Давос во петок и да одржи говор пред присутните.

Покрај 1.000 полицајци, во Давос се распоредени повеќе од 4.000 швајцарски војници. Над градот е воспоставена и забранета зона за летање.

Општинската власт на Давос издава специјална дозвола за секој што сака да одржи настан на ски-центарот, во спротивно се соочува со казна. Оваа година, барањето на демонстрантите да протестираат против Трамп било одбиено со изговор дека големите количества снег го имаат ограничено просторот за демонстрации.