Дебата: Граѓаните без воздух, конкретни мерки нема

Во случаи кога нема политичка волја да се прераспределат пари од буџетот за заштита на животната средина и нема конкретни мерки, граѓаните се оставени без воздух. Ова, меѓу другото, беше заклучокот од денешната јавна средба на тема „Каков воздух ќе дише Скопје оваа зима“, во рамки на проектот Мобилен парламент на граѓанската асоцијација МОСТ.

Целта на настанот беше преку директна комуникација со избраните претставници, граѓаните и еколошки организации да се согледаат причините за загадувањето во Скопје и да се изнајдат соодветни решенија. Меѓутоа, дискусијата прерасна во расправа за тоа чија е вината, а надлежните и еколошките организации си ја „префрлаа топката“ едни на други.

Александра Бујаровска од еколошката организација Фронт 21/42 забележа дека истите горливи проблеми со загадувањето од претходните години се уште ги има – бројот на денови со загаден воздух е алармантен, а конкретна реакција од надлежните нема. Како најодговорни, Бујаровска ги посочи Министерството за животна средина и Центарот за управување со кризи.

„И лани беше истата мерка ‘немој да дишете, се ви е загадено’. Не сметам дека тоа е воопшто сериозно третирање на проблемот. Искрено, го сметам за навреда, затоа што се работи за едно уставно загарантирано право и би требало најдоследно и најодговорно некој да преземе мерки кон намалување на загадувањето. Искрено, не мислам дека е нормално 300 дена во годината воздухот да е загаден“, рече Бујаровска.

Таа побара конкретни мерки во индустријата и сообраќајот, како и реални препораки до граѓаните. Посочи дека нема стимулација кај луѓето кои поради својата социјална состојба се принудени да се греат со дрва или на некој друг начин, бидејќи се поевтини.

Ана Чоловска Лешовска од „Еко-свест“ ги запраша присутните што понатаму. Таа изрази желба ваква дебата да се покрене и во републичкото Собрание.

„Факт е дека и да постојат мерки, и да постојат институции, тие едни со други не соработуваат. Поради тоа, не се во можност да ги применат сите мерки кои што треба или немаат ингеренции, бидејќи не се слушаат едни со други. Не постои координација меѓу институциите“, посочи Чоловска Лешовска.

На средбата не се појавија градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и претставници на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, со објаснување дека денеска се одржува последната собраниска седница за државниот буџет.

Пратеничката Лилјана Поповска од  ДОМ смета дека немањето политичка волја да се прераспределат финансиските средства од буџетот за заштита на животната средина е всушност местото од каде почнуваат сите проблеми. Таа наведе пет директни мерки што мора да се преземат во државата, како усвојување на Законот за зеленило, донесување Закон за квалитетот на почвите. Потоа, спречување на загадувачите од секој вид, сериозен и ефикасен мониторинг и справување со отпадот.

Поповска заедно со пратеникот Стефан Богоев од Социјал демократскиот сојуз на Македонија, ги повикаа еколошките заедници да достават свои предлози за кои би се отворила дискусија во Собранието.

На дискусијата присуствуваа и граѓани, меѓу кои беше и Александар Атанасов, кој нагласи дека проблемите не се решаваат само со дебати кои нудат идеални услови, туку потребно да се тргне од најмали чекори. Од иницијативата „На точак“, пак, зборуваше Снежана Домазетовска, која нагласи дека е граѓаните треба да го гледаат велосипедот како средство за градски превоз, особено во периоди со огромно загадување.

Претставниците на Министерството за животна средина, Градот Скопје и Македонскиот информативен центар за животна средина зборуваа за досегашните мерки кои ги презеле, правдајќи се дека она што е во нивна надлежност е спроведено и префрлајќи ја вината кај граѓаните.

Цветанка Икономова Мартиновска од Град Скопје рече дека за проблемот со воздухот што го имаат граѓаните во Лисиче, на пример, самите се виновни, бидејќи палат гуми и други материјали што ја загадуваат околината. Од општина Центар зборуваше Цена Виденовска која ги посоветува граѓаните да си засадат повеќе цвеќиња во своите домови, за да имаат почист воздух.

Во иднина, сите заклучоци и препораки кои беа извлечени од дискусијата ќе бидат доставени до сите пратеници во Собранието на Р. Македонија и до сите надлежни институции.

Емилија Петреска