Даниел Денковски ја доби наградата „Најдобар млад научник“ за 2014 година

Даниел Денковски, магистер по електротехника и информациски технологии ја доби наградата „Најдобар млад научник“ за 2014 година.  Наградата денеска му ја додели претседателот Ѓорге Иванов.

Изразувајќи благодарност, Денковски рече дека признанието за него претставува огромен поттик и мотив за продолжување на неговата научна дејност и за постигнување уште подобри резултати.

„Би сакал да ги охрабрам младите луѓе во Македонија постојано да го продлабочуваат и надградуваат своето знаење и да се занимаваат со наука поради слободоумноста, возбудливоста и перспективноста на оваа дејност“, истакна Денковски.

Претседателот Иванов отсети дека економски најразвиените земји во светот одамна го увидоа скриениот потенцијал на младите научници. Секоја година, додаде тој, Комисијата се соочува со предизвикот, меѓу пријавените кандидати со вонреден квалитет да го избере најдобриот меѓу најдобрите.

„Од пристигнатите пријави за најдобар млад научник во овие 5 изминати години, можам слободно да заклучам дека станува збор за млади луѓе полни со иновативност, креативност, претприемаштво, знаење и моќ“, рече Иванов.

Признанието „Најдобар млад научник“ се доделува петта година со цел да се поттикне развојот на научната и истражувачката мисла особено кај младите македонски научници до 30-годишна возраст. Добитник на наградата за 2013 година беше биоинформатичарот Петар Стојанов, а во 2012 Катерина Бачева за истражувачка работа во аналитичката хемија и хемијата на животната средина.

Најдобар млад научник во 2011 беше Трифче Сандев за работа во полето на физиката, а една година претходно наградата му припадна на Никола Златанов, научник во областа на безжичните телекомуникации.