Берлинската полиција го истражува нападот со камионот при кој загинаа 12 лица

Германската полиција го истражува „веројатниот терористички напад“, откако човек со камион упадна во божиќен пазар во Берлин, убивајќи 12 и повредувајќи 48 лица, објави Би-Би-Си.

Според германската полиција, возачот наводно бил бегалец од Пакистан или Авганистан. Возачот бил задржан, а совозачот, кој загинал од повредите е Полјак. Германски медиуми јавуваат дека бегалецот бил познат на полицијата за помали кривични дела, но не и за терористички врски.

Портпаролот на полицијата во Берлин рече дека осомничениот, за кого се претпоставува дека го возел камионот кој со голема брзина газеше се’ пред себе во пешачка зона на плоштадот „Брајтшајдплац”, крај меморијалната црква „Кајзер Вилхелм”, бил запрен од полицајци на околу 2 километри од местото на трагедијата и бил испрашан.

„Сите полициски мерки кои се однесуваат на овој, веројатно терористички напад напредуваат со полна пареа и со потребното внимание”, соопшти полицијата.