Асанж ќе ја напушти амбасадата на Еквадор

Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж денеска изјави дека наскоро ќе ја напушти амбасадата на Еквадор во Лондон, пренесуваат светските медиуми.

Асанж ќе ја напушти амбасадата на Еквадор

Тој додаде дека здравствената состојба му е влошена за време на двегодишниот престој во амбасадата.

Доколку одлучи да ја напушти амбасадата на Еквадор, од чии власти побара политички азил, основачот на „Викиликс“ веднаш ќе биде уапсен, бидејќи амбасадата е постојано под полициска контрола, пренесе МИА.

Британските медиуми пред неколку дена објавија дека Асанж има срцеви проблеми, поради кои му е потребно болничко лекување.

Основачот на „Викиликс“ е соочен со апсење по обвиненијата за силување и сексуално вознемирување во Шведска, а тамошните власти во јули потврдија дека и понатаму останува на сила налогот за негово апсење.

Асанж се плаши дека Шведска ќе го екстрадира во САД, каде е обвинет за шпионажа и незаконско објавување на доверливи документи, за кои е предвидена затворска казна од 35 години до доживотна робија.