Архитектите револтирани од „барокизацијата“ на комплексот факултети на УКИМ

Македонската архитектонска јавност реагира на неодамна реализираниот Конкурс за избор на идејни решенија за двата нови објекти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ) и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, пишува Build.mk.

Авторот Жарко Чаушевски освои две втори награди во износ од 600.000 денари како вреднување на неговите идејни решенија, кои според жири – комисијата основана од Министерството за образование и наука, се прогласени за најиздржани и најквалитетни концепти за просторот спроти трговскиот центар „Мавровка“, во чии рамки се наоѓа комплексот факултети на скопскиот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“.

Овој архитект веќе беше прогласуван за победник на бројни конкурси во рамките на владиниот проект „Скопје 2014“, вклучувајќи ја реконструкцијата и надградбата на Градскиот трговски центар (ГТЦ). Како еден од авторите кои доставиле идејно решение за планираниот објект на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, архитектот Дејан Ивановски во својата реакција вели дека во барањата на Министерството за образование и наука на ниту едно место не бил наведен архитектонскиот стил „барок“ како еден од условите за учество на распишаниот Конкурс кон средината на септември годинава.

Авторот Дејан Ивановски истакнува дека при конципирањето на својот архитектонски труд ја почитувал изворната идеја на оригиналниот архитектонски труд за комплексот факултети на УКИМ. Тој укажува дека современата зграда со своите карактеристики треба да одговара на местото, контекстот во кој е поставена. Креатор на некогашната идеја за изведба на универзитетскиот кампус спроти трговскиот центар „Мавровка“ е словенечкиот архитект Марко Мушич.

И по неколку дена од завршувањето на Конкурсот за избор на идејно решение, од Министерството за образование и наука не излегуваат во јавност со какви било информации во однос на оваа тема. Тие не ги обелоденуваат членовите на жири – комисијата, ниту пак нивната донесена одлука во однос на избраните победнички решенија. Нема никакви информации дали воопшто некој од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ е прашан за тоа какви зданија им се потребни за извршување на образовната дејност, ниту пак дали се согласуваат со владината идеја за „барокизација“ на комплексот факултети.

По обелоденувањето на победничките идејни решенија за двата нови образовни објекти на УКИМ, од Министерството за образование и наука не излегоа ниту со визуелизации за запознавање на јавноста со изгледот на овие градби. Во нормалните европски држави, вообичаено е при избор на архитектонски труд од исклучително јавно значење да се организира и архитектонска изложба на пристигнатите идејни решенија од објавениот Конкурс.