Анима Мунди: Вардариште прекинува со заловување на кучиња поради несоодветните услови

Здружението за заштита на животни Анима Мунди известува дека ЈП Комунална хигиена Скопје им испратиле допис, во кој ги известуваат дека престануваат со заловување на бездомните животни поради несоодветните услови и екстремно ниските температури.

„Почитувани, би сакале да ве информираме дека поради новонастанатите временски услови на екстремно ниски температури, Службата за хуман третман на бездомните животни при ЈП Комунална хигиена – Скопје нема да врши заловување на бездомни кучиња на територијата на градот Скопје, односно хируршки интервенции (стерилизирање) врз веќе заловените кучиња што се наоѓаат во стационарот Вардариште.

Оваа одлука ЈП Комунална хигиена – Скопје ја донесе со цел да се избегнат здравствените ризици и компликации кај овие животни, коишто би можеле да се појават доколку во ваквите временски услови се вршат хируршки интервенции врз нив“, пишува во соопштението на ЈП Комунална хигиена до Анима Мунди.

Од здружението за заштита на животни велат дека дописот го добиле како одговор на нивните реакции и најавата за протест против стационарот Вардариште, раководен од град Скопје и ЈП Комунална Хигиена.

„Очекуваме надлежните да се придржуваат во целост до оваа одлука затоа што во Вардариште нема греење, ниту соодветни услови за престој и третман на животните во зима,  а граѓаните ги  повикуваме да доколку видат заловување да не контактираат веднаш“, велат од Анима Мунди.

„Го добивме барањето на „Анима мунди“ и одлучивме дека се во право, бидејќи во овие временски услови на екстремно ниски студови, практично, доколку се оперираат животните, кога ќе ги пуштиш директно ќе имаат компликации и умираат. Не можат да издржат постоперативен период на вакви временски неприлики. Затоа, од хумани причини, решивме да не заловуваме овој период и да ги заштитуваме животните. Ако заловиме бездомно животно, во тој случај мораме да го стерилизираме. Тоа е целта на нашата Програма (за хуман третман на животните н.з.). Значи, додека не се затопли времето, службите нема да заловуваат по улиците на Скопје, единствено во инцидентни случаи на дојава на агресивност“, изјави за Радио МОФ потпаролката на ЈП „Комунална хигиена“, Ана Марија Бранѓолица.