Анима Мунди: Убијците на уличните животни не смеат да бидат на слобода, тие се закана за сите

Два случаи на изживување врз улични кучиња за помалку од една недела забележа Здружението за заштита на правата на животните Анима Мунди. Оттаму велат дека повеќе не станува збор за нехуманост, туку за садизам и најфрапантни форми на девијација.

„Ваквите убијци не смеат да бидат на слобода, тие се закана за сите“, вели Столе Велковски, претседател на Анима Мунди.

Вчера, здружението објави информации за локална кучка во Росоман, скучна, пред пораѓање како била обесена, а потоа бодена со нож во утробата. Претходно, тие апелираа за друг случај, сличен на овој, но во Скопје, каде кучка пред пораѓање била удирана и фрлена во вар, по што починала.

Од здружението веруваат дека ако успеат да издејствуваат максимални казни за извршителите, во иднина би се намалиле ваквите случаи.

„Верувајте, иако кај граѓаните расте свеста за тоа дека дека планетата Земја ја делиме и со други облици на суштества кои живеат, иако се продлабочува нивната хуманост и од ден на ден расте граѓанската одговорност – пријавуваат случаи на мачење и убивање на животните за кои сведочат – инертноста на институциите не дозволува да се придвижиме од мртвата точка и да го оставиме зад себе белегот на земја, која премолчува и толерира екстремни случаи на насилство во самото општество“, велат од Анима Мунди.

Тие нагласуваат дека секојдневно се сведоци на грозоморни случаи, за кои годишно доставуваат најмалку 100 претставки, но досега многу ретко имале позитивен одговор од институциите.

„Најголем проблем имаме околу организираните борби, за кои верувајте немаме никакви одговори досега, особено не за преставки кои ги имаме поднесено за „големите“ борачи. Вистински позитивен шок беше позитивната судска одлука за старецот кој сечеше опаш на кутре, но за жал, ова е единствениот случај со позитивна завршница“, велат од Анима Мунди.

Здружението пред неколку години ја започна петицијата за формирање на одделение при Министерството за внатрешни работи, или некој засебен орган, кој би претставувал полиција за животни. Тие се надеваат дека последните грозоморни случаи на насилство, измачување и садизаам врз уличните животни ќе створат слух кај надлежните да се оформи ова тело.

Во однос на нивната веге-кампања на социјалните мрежи, за која повеќе граѓани изразија критики поради шокантните фотографии на кои се прикажани убиени животни за да бидат нечиј оброк, од Здружението велат дека немаат намера да ја сменат моменталната тактика, бидејќи ја прикажува реалноста.

„Многумина нè осудуваат за шокантните фотографии, но тоа е реалноста, тоа е она што го јадат, тоа е она што го конзумираат, или процесот кој доведува до она со што се прехрануваат,  што е спорно тука ? Оваа кампања доведе до голем број на граѓани кои одделно не имаат исконтактирано и кои не имаат извесетено дека нивниот начин на исхрана го промениле токму поради оваа кампања“, велат од Анима Мунди.