Анима мунди: Со силни отрови масовно се убиваат животни во Струга

Во екот на туристичката сезона низ Струга се поставуваат отрови со кои се трујат бездомните кучиња, мачки, птици, но и домашни миленици, обвини Здружението за заштита на животните Анима мунди.

Од здружението потсетуваат дека поставувањето отрови е кривично дело за кое е предвидена затворска казна и до три години, како и дека отровите кои се поставуваат се достапни буквално со секоја аптека. Како пример го наведуваат инсектицидот „Метомил” од 90 проценти е отров со кој појаснуваат дека може да се затруе половина град, а во аптеките го издаваат без никаква регистрација на купувачот.

„Прашуваме дали општина Струга презела некакви мерки изминатава недела за да ги заштити своите граѓани? Дали општина Струга е запознаена дека на нејзина територија се расфрлаат најсмртоносни отрови при што се загрозува и човечкиот живот? Дали надлежните органи во општина Струга воопшто се запознаени какви кривични дела се вршат во нивната општина и дали презеле конкретни дејствија за решавање на истите?“, револтирани се од Анима мунди.

Вината за проблемот со бездомните животни кој се пролонгира со децении тие ја лоцираат во немањето институционална и политичка волја за негово решавање.

„Решението се состои во едукација на населението, регулација на одговорното сопствеништво , масовна стерилизација на бездомните и силни кампањи за вдомување, а не со убивање. Животните се на улица, но не по своја вина, туку по вина на неодговорните граѓани кои кога ќе им здосадат ги исфрлаат на улица. Кои нелегално размножуваат и продаваат легла. Кои не ги стерилизраат милениците, па кога ќе им се окучат ги исфрлаат надвор! Иако се изработени и доставени елаборирани предлог – програми за најхумано решавање на овој проблем, со конкретни успешни примери од европската практика, нашите институции сеуште остануваат неми пред овој круцијален проблем“, велат од здружението.

Од Анима мунди бараат Општина Струга да го осуди овој чин и заедно со полицијата итно да покрене истрага.