„Анима мунди“ реагира на масовно заловување, надлежните тврдат дека се работи за едно куче

„Изиграни сме и излажани“, реагираат од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“, откако до нив стигнале повеќе реакции на граѓани дека продолжило заловувањето на кучиња во стационарот „Вардариште“, иако надлежните ветија прекин на овие активности.

До нив пристигнале пријави за заловувања во Ново Лисиче, Ѓорче Петров, Центар и Аеродром и додаваат дека станувало збор за мирни, неагресивни кучиња и локални миленици кои не пречат никому.

„Доколку не бидат вратени сите заловени животни најавуваме протест и меѓународна иницијатива за затворање на стационарот со што повторно ќе бидат искомпромитирани, поради својата фрапантна нехуманост, Градот Скопје и Република Македонија“, пишува во реакцијата на „Анима Мунди“.

Од ЈП „Комунална хигиена“ не информираа дека било заловено само едно куче по пријави на граѓани.

„Од кога е на сила одлуката имаме заловено само едно куче. Станува збор за агресивно куче кое шетало во Ново Лисиче и Аеродром и кое нападнало 20 лица, од кои имаме добиено пријави за истото куче. Во Ѓорче и во Центар нема заловување, таа информација не е точна“, изјави за Радио МОФ портпаролката на ЈП „Комунална Хигиена“, Ана Марија Бранѓолица.

Таа додава дека се почитува одлуката за прекин на заловувањето на кучиња поради екстремно ниските температури, но дека тие се должни да реагираат по пријави на граѓани.

„Не заловуваме своеволно на наша рака, но ние не смееме да игнорираме ниту една дојава од граѓани за агресивно куче. Доколку имаме пријава од граѓанин дека некое животно е агресивно и нападнало некого, ние мора да реагираме. Не можеме да му кажеме на граѓанинот дека лаже, ниту имаме начин да ја провериме информацијата, туку излегуваме на терен“, додава Бранѓолица.

.