Анима Мунди: Протест ако не престане хајката против уличните кучиња

Нема крај на жртвите на Вардариште велат од организацијата за заштита на животните „Анима Мунди“. Бараат итно решение, во спротивно најавуваат протест.

„Се обраќаме јавно и бараме итно да се запре заловувањето на мали кучиња и масовното убивање, зошто во спротивно ќе организираме протест, но не пред Вардариште, туку пред канцелариите на оние кои имаат надлежност да одлучуваат. Само тие имаат целосна професионална и морална одговорност пред граѓаните“, велат од „Анима Мунди“.

Тие прашуваат зошто продолжува ловењето на мирни, неагресивни и здрави кучиња со маркица, кои најчесто се маалски миленици. Воедно, информираат дека се уште се фаќаат веќе маркирани кучиња, како и мали кучиња кои според нив, не можат да ја издржат програмата „Заловиш-стерилизирај-врати“.

„Прашуваме кој дал наредба да се „чистат“ од улица, кога во стационар не може да им се направи ништо (мали се за стерилизација) и може ли тој мирно да спие знаејќи дека речиси сите умираат, со мачење, болка, преплашени  и потполно свесни, од тамошните зарази? Или се носат наменски зошто малите кутриња умираат без каков и да е трошок, без да им се вбризга инекција, без и денар арч“, реагираат од „Анима Мунди“.

„Анима Мунди“ бара градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и локалните градоначалници да стават крај на како што велат, хајката против уличните кучиња.