Анима мунди: По огласи се продаваат волци – врши ли некој контрола?


Анима мунди бара институциите да реагираат на случајот со препродажба на мали волци по огласи и нелегалната трговија со диви животни.

Од здружението посочуваат дека за овие случаи ги информирале Инспекторот за ловство и Агенцијата за храна и ветеринарсто и побарале од нив да се спасат животните. Појаснуваат дека кога малите волци се одзимаат од нивната природна средина, се уништуваат нивните легла, се осудуваат на заробеништво, страв, страдање и смрт.

„ Само суров човек може да ги одземе овие волкчиња од мајка, свесен дека сами не можат да преживеат, дека ги осудува на мачење и смрт! Ве замолуваме Вас да ни помогнете во заложбите овие волци да не завршат како експонати , играчки или жртви, како и никако да не биде вратени во ловиште, зошто во услови кога е одземен од човек, тие не можат да функционираат самостојно, како животни кои се родени и растени на слобода.

Потенцираме – волците најчесто се мачат за учење на кучиња за лов, за напаѓање, за борби. Со нив се постапува неописливо сурово и им предстои ужасна смрт. Имаме информација дека продавачот на волци од Зелениково имал цело легло, 7 малечки кои се продавани . Кога малку ќе потпораснат на волците се пуштаат ловџиски кучиња, а неретко се користат за расплод и вкрстување кучиња за борби.

Дури и да се спасат овие доколку волчињата само се одземат и вратат на ловиште веднаш ќе бидат усмртени, како лесен плен за отстрел, питоми, без шанса да преживеат – затоа нудиме помош во нивна понатамошна грижа, ресоцијализација и повраток во природната средина и бараме да бидеме вклучени и контактирани за да овие животни се спасат“, бараат од Анима мунди.