Анима Мунди најавува нови акции викендов за вдомување кучиња и мачки

Пролетната акција на Анима Мунди за вдомување кучиња и мачки продолжува и викендов (26 и 27 март).

Со цел да се обезбеди топол дом на што е можно повеќе кутриња и мачки кои, во спротивно, се осудени на страдање, глад, смрт на улица, од здружението ги најавија двете нови акции за вдомување за месец март кои ќе се реализираат на улица „Македонија“, во близина на спомен куќата на Мајка Тереза.

„Ве каниме сите вас кои сакате да стекнете милениче, да дојдете од 12:00 -17:00 часот , да не посетите, го одберете својот најдобар четроножен пријател и на тој начин да спасите еден живот.

Пролетта е идеална за нови почетоци – вдомете и спасете живот; вдомете, не купувајте миленик, зошто пријателството нема цена!“, порачуваат од Анима Мунди.

Секое вдомено кутре ќе добие извод и ваучер за 70% попуст за негова стерилизација/кастрација во иднина, кој ќе важи за секаков вид оперативни зафати за вдоменото животно. Настанот е овозможен со програмата Civica Mobilitas и поддржан од Општина Центар.