Анима Мунди најавува кривична тужба и протест поради условите во Вардариште

Изживувањето во стационар Вардариште со животните не запира, се  убиваат кучиња со едноставен едностран заклучок дека се агресивни, обвинува здружението за заштита на животните Анима Мунди.

Оттаму најавуваат протест и кривични тужби ако во текот на оваа седмица не им бидат предадени животните кои се во карантин во стационарот, како и ако веднаш не запре убивањето кое се спроведува и ловењето мали кучиња.

„Изживувањето во стационарот „Вардариште“ со животните не запира, се убиваат кучиња со едноставен едностран заклучок дека се агресивни. Во овој турбулентен период како да се најде соодветен миг за нивно масовно убивање. Во „Вардариште“ се случува масакр, кучињата или се изгладнуваат и држат додека сами не умрат, или се убиваат, а речиси сите мали умираат од епидемии. За кучиња кои реагираме, кои се заловени, 2 месеци се држат во кафез во т.н. карантин како агресивни, 2 месеци без да излезат, да видат сонце, да бидат прошетани. Во такви услови и најмирното куче би полудело, овие кучиња трпат класично изживување и човечка тортура. 2 месеци држење куче во вакви услови е без исклучок кршење на законот за благосостојба на животните, а го кршат оние кои треба да бидат гарант за негово спроведување!“, велат од Анима Мунди.

Тие додаваат дека сакаат да ја преземат грижата за кучињата, и правно да одговаат за нив, но од стационарот не им ги даваат, додека надлежните од Агенција за храна и ветерина си ја префрлаат топката за ваквите случаи.

„Животните се без глас, па затоа многу лесно се убиваат со ставање еден потпис на графата – агресивно“, додаваат од здружението.