„Анима Мунди“: Масовно труење и во Берово

„По бројни дојави од беровчани, информираме дека е извршено масовно  труење во Општина Берово, при што на улица, пред очите на граѓаните, не ретко деца, во агонични маки (тетеравење, повраќање, трзаи на целата мускулатура, плукање крв, гушење) се убиени голем број животни“, реагираат од Здружението за заштита на правата на животните „Анима Мунди“.

Оттаму велат дека призорот во Берово е исклучително вознемирувачки и шокантен, а за тоа сведочат активисти од беровската Иницијатива за заштита на животните, како и голем број граѓани кои забележале лешови од животни насекаде низ градот во изминатиот период.

„Имаме основани сомненија дека се работи за организирано труење. Оние кој малку подобро ја познаваат оваа проблематика, а и по логика на нештата, знаат дека во случаи кога се работи за голем број на жртви и отрови поставени на повеќе локации во градот, не станува збор за изолиран случај“, велат од „Анима Мунди“

Од беровската Иницијатива за заштита на животните се обратиле до институциите на Општината со барање за преземање на итни мерки за решавање на овие појави, кои како што велат, не се случуваат првпат во  општината. Тие бараат отварање на истрага, контрола над слободната продажба на отровни материи, како и најстрого санкционирање на сторителите.

„Ги повикуваме граѓаните сите да пријават доколку имаат било какви сознанија за потенцијалните сторители, како и институциите да реагираат веднаш за да се фатат и најстрого казнат сторителите затоа што расфрлањето отрови е животна опасност за сите и тешко кривично дело“, апелираат од здружението.