Анима Мунди: Куче со сопственик растргна бездомно куче во Велес, полицијата не реагира

Здружението за заштита на правата на животните Анима Мунди објави вознемирувачки фотографии од куче со сопственик кое било пуштено и оставено да убие мирно бездомно куче во Велес. Тие велат дека имало и сведоци на настанот, но иако сопственикот веднаш бил пријавен во полиција, таа не реагирала соодветно.

„Како што дознаваме, сопственикот е лице припадник на специјални полициски единици и поседува повеќе кучиња, од кои некои тренирани да бидат агресивни и не било прв пат да нападнат. Скандалозно е што во ваков фрапантен случај на насилство врз животните полицијата не констатира кривично дело, туку го амнестира од одговорност одговорното лице – сопственикот на кучето – и на тој начин го прикрива и  соучествува во истото! Потенцираме, станува збор за сериозен кривичен деликт – мачење на животно (член 233 од Кривичниот закон), а не прекршок на јавниот ред и мир како што случајот е евидентиран и процесиран во полиција и јавно повикуваме на одговорност“, велат од здружението.

Против сопственикот е поднесен прекршок по член 29 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, иако според Анима Мунди тоа е дело за кое е потребна кривична постапка.

„Потенцираме не е исклучок, туку правило, да лица припадници на полицијата бидат инволвирани во случаи на насилство врз животните и секогаш полицијата е таа која ги штити и не го спроведува законот и редот, не ги штити граѓаните и животните што претставува и злоупотреба на службена должност“, реагираат од Анима Мунди.

Тие ја повикуваат Внатрешната контрола на МВР да го преиспита целиот случај.