Анима Мунди: Куче силувано на кеј, полицијата вели нема надлежност да реагира

Минатата недела среде бел ден било мачено и силувано куче на кеј, од страната на  Керамидница, од лице на возраст од 25- 30 години, кое по монструозното изживување врз кучето влегло во едно од куќарките од таа страна на Вардар, информираат од Здружението за права на животните Анима Мунди. Здружението вели дека имало сведоци кои седеле на клупите од страната на Аеродром, кои реагирале, и веднаш повикале полиција, но како што велат, полицијата одбила да влезе во куќата во која се скрил силувачот на кучето.

Адвокатскиот тим на Анима Мунди контактирал со сведоците и бара најстрога казна и правда за злоставуваното куче. Тие ги повикуваат Министерството за внатрешни работи, АХВ, општинските власти, да ги вложат сите напори за ваквите напаѓачи да добијат казна.

„Шокирани сме што се се случува во Македонија и што се е се толерира во нашето општество! Шокирани сме што монструми кои се закана за секого шетаат, немаат страв од никого и среде бел ден се изживуваат врз послабите, во случајот врз бездомно, младо куче, кое не можело да избега! Бесни сме што полицијата , иако им е пријавено нема доволен интерес или механизми да влезе и изврши претрес, вештачење, го приведе монструмот кој мачи и силува без око да му трепне што некој го видел, викал, го пријавил! Инсистираме да веднаш биде спроведена истрага“, велат од здружението.

„Им може ли некој нешто на ваквите лица, кои слободно и без каков било надзор имаат отворени можности да продолжат да силуваат?“, прашуваат од Анима Мунди.

Оттаму потсетуваат на случајот во Кочани, кога ист човек бил 10 пати пријавен од локалното население за силување на кучиња, но дека сега тој е повторно на слобода.