Анима Мунди: Kаде да уринираат кучињата, во пелени?

Здружението за заштита на животните, Анима Мунди е шокирано од новиот Закон за зеленило кој е влезен во  Собранието,  во кој се воведува глоба во износ од 50 евра за физичко лице ако на зеленило за јавна употреба се врши уринирање и дефекација на домашни миленици.

Предлогот за здружението е скандалозен, бидејќи, како што велат, ваква одредба преку која на удар, стигматизација и финансиски линч ќе бидат изложени сите сопственици на животни, нема на друго место во светот.

Тие прашуваат каде, ако не на трева, треба да уринираат и дефецираат животните и дали државата веднаш ќе создаде тоалети за миленици, со што ќе стане прва во светот со такво решение.

„Ваквиот пристап е безобразен и срамен дополнително ако го имаме во предвид фактот дека институциите никогаш ништо не сториле во однос на поставување на канти за измет за животни, ниту пак вршеле едукација – поточно, со исклучок од 2 општини каде тук таму постоела по некоја канта за одлагање на фецесот на животните, сите останати кои постојат, а ги има во 12 општини во и надвор од Скопје, ги има направено и донирано нашето здружение Анима Мунди! Да не се збуни јавноста – ние сме први и единствени кои промовираме одговорно сопствеништво, собирање на изметот и негово одлагање, но казнување на граѓаните за уринирање на нивното куче е глупост, лудост, незнаење на ЕУ законодавството, класичен нон сенс!“, се вели во соопштението на Анима Мунди.

Од здужението најавуваат улични протести од сопствениците на миленици доколку оваа одредба не биде итно отстранета од предлог законот.