Анима Мунди: И полицијата лови кучиња во oпштина Аеродром

Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ денеска најостро реагираше за, како што велат, масовните хајки на кои подложат бездомните кучиња во општина Аеродром, а за кои од стационариот „Вардариште“ ги информирале дека се спроведуваат по наредба од општината и во присуство на полиција.

„Граѓаните интензивно не известуваат дека во Аеродром и Ново Лисиче кучињата се ловат  со полиција, што е спротивно и надвор од полициските овластувања. Прашуваме како е возможно да полицијата да лови кучиња или изигрува приватно обезбедување на шинтери од Вардариште? Како може градоначалникот на Аеродром да даваспецијални нарачки за чистки на кучиња, особено ако истите се веќе стерилизирани и вакцинирани, проверени дека се здрави и мирни по карактер, што е основен услов за нивно повторно враќање на улица по првичниот третман во Вардариште. Општината не е негов приватен посед. Како смее Вардариште веќе три недели да држи кучиња од Аеродром и да не ги предава на жителите кои доаѓаат да ги подигнат, со објаснување дека е наредено од Ивица Коневски?

Ние се обративме до општина Аеродром, од каде немаме никаков одговор.

Оваа дивеење врз животните во општина Аеродром мора итно да запре, во спротивно правичноста ќе ја бараме пред канцеларијата на Коневски.  Се ловат животни кои се мирни и претходно стерилизирани, при што се дејствува произволно, спротивно на закон и Програмата на град Скопје“, се вели во соопштението на „Анима Мунди“.

Од Здружението велат дека упатиле барање до градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски, со кое бараат стационарот „Вардариште“ да им ги предаде на граѓаните заловените кучиња од општина Аеродром.

Тие велат ќе излезат на масовен граѓански протест пред општината и пред Град Скопје, ако хајката по бездомните кучиња итно не запре.