Анима Мунди: Да се ослободат кучињата од Вардариште или ќе има протест

На овие ниски температури, стационарот Вардариште сè уште работи , но без да ги задоволува условите за престој на кучињата, велат од Здружението за заштита на правата на животните Анима Мунди. Тие тврдат дека поради недостиг на услови и соодветна грижа, како и непрекината епидемија од болести, кучињата се мачат и умираат постоперативно. Во прилог, тие испратија и видео.

Тоа што Вардариште има греење воопшто не е доволно, а секој совесен ветеринар веднаш би потврдил дека во вакви услови стерилизација не смее да биде изведувана врз бездомни животни кои потоа треба да бидат вратени на улица“, стои во реакцијата на Анима Мунди.

Тие уште еднаш побараа итно да запре ловењето на кучиња во овие услови и да се остават живи оние кои се веќе таму, но и да запрат лагите и манипулацијата на граѓаните кои се засегнати и се грижат за животните кои им се заловени, кучињата да им се вратат.

„Доколку градот итно не повика на прекин на заловувањето , доколку ветеринарите и понатаму убиваат, а животните не бидат ослободени, ќе организираме протест, а за  состојбата ќе ја известиме европската јавност и бројни интермационални организации од кои очекуваме и поддршка“, велат од здружението.