„Анима Мунди“ бара поголема заштита за коњите, безбедност во сообраќајот и помош за маргинализираните граѓани

Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ испраќа документ-иницијатива до неколку институции за унапредување на благосостојбатата на коњите, а истовремено и за зголемување на безбедноста на сите граѓани во сообраќајот и олеснување на животот на најранливите и најмаргинализираните категории граѓани.

Активистите се загрижени за состојбата со коњите во Македонија, па го подготвија документот како првична иницијатива која понатаму ќе се развива во интерес на осигурување на сеопфатна и прецизна легислатива за заштита на коњите и сите останати копитари кои влегуваат под овој вид (equine).

Сметаат дека владее хаотичната состојба околу заштитата на овие животни, што на крајот резултира со голем број на злоупотребувани, малтретирани и преработени коњи, кои „во таква исцрпена и лоша состојба ги оставаат по јавните површини низ градовите, да умираат пред очите на населението, а притоа никој не поднесува одговорност, затоа што се нема податоци за сопственикот“.

„Првично да се идентификуваат сите коњи и нивните сопственици на територијата на Град Скопје и општините и да се утврди нивната психофизичка состојба и намена. Со ова ќе се стекне сознание во какви сè сектори се користат коњите, што понатаму ќе помогне да се регулира нивната благосостојба и да се контролира нивната експлоатација“, стои како предлог-решение во документот.

Потоа, предложуваат воведување законска забрана за движење на влечни коли со коњи во урбани средини и брзи сообраќајници.

„Коњите кои се користат како влечна кола во урбани средини и на брзи сообраќајници, не само што се изложени на голем стрес, туку претставуваат и опасност по јавната безбедност во сообраќајот. Поради тоа пред сè да се направи измена на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, кој ја дозволува и уредува оваа пракса“, потенцираат активистите.

Понатаму, бараат итно одземање на сите коњи кои ќе се проценат како најизнемоштени, болни, стари, повредени (прва фаза) и нивно сместување кај привремени вдомувачи.  Трошоците околу одземањето, привременото сместување и рехабилитација и ветеринарна нега на коњите во урбаните средини да го финансира општината/Градот Скопје.

„Во грижата кон животните нудиме стручна и директна помош, како и во спроведување на едукативни кампањи за хуманост и грижа кон животните со што ќе помогнеме во обезбедување на дополнителни донации од државата и странство“, стои во документот.

Исто така, загрозените семејства кои ги користеле коњите да се обештетат, т.е. да им се овозможат начини да дојдат до средства за живот и превозно средство.  Да им се понуди  решение и даде соодветно превозно средство со кое ќе продолжат да ја вршат нивната работа – кое ќе им помогне безбедно и непречено да се движат во сообраќајот.

„Со тоа ќе се помогне/олесни нивното живеење, а нивната собирачка активност ќе се подигне на повисоко ниво, да добијат статус на работници или помошници на Јавните комунални претпријатија, кои со својата работа помагаат во рециклирањето на сметот. На тој начин ќе имаат поголемо работно и човечко достоинство и на некој начин ќе бидат официјални рециклатори во градот/општините во кои гравитираат“, се вели во предлог-решенијата во иницијативата.

Инаку, оваа иницијатива „Анима Мунди“ ја испраќа до Собранието, Владата, МВР, министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенција за храна и ветеринарство и Единиците на локална самоуправа.