Три месеци по катастрофалните поплави во скопскиот регион, граѓански активисти, кои волонтираа на терен по поплавите, реагираа на бавното санирање на штетите, како и за големиот број граѓани кои уште не го добиле ветеното обештетување.
„Санирана е само многу мал процент од штетата, а дополнително, не се одстранети ниту причинителите за катастрофалната поплава што го зафати овој регион. Асфалтирањето е изведено неквалитетно, а исто така е сомнителен начинот, односно приоритетот кој се дава за тоа како се асфалтираат и санираат улиците. Дополнително, минимална е поправката на обиколницата, а каналската мрежа ниту е исчистена, ниту се изградени нови канали за спречување на поплаван како таа која се случи во август“, изјави Демијан Хаџи-Анѓелковски.
И покрај тоа што преку еврообврзница Владата ги доби бараните 36 милиони евра, за овие три месеци исплатени се средства само на една четвртина од поплавените семејства, додека исплатата на штетите за земјоделски површини не е воопшто започната, истакна Александар Младеновски.
„Сумите кои се исплаќаат се далеку под висината на реалните штети. Од терен има информации дека оштетата се дели по партиска линија, со цел ДПМНЕ да го зацврсти своето гласачко јадро во погодените подрачја. Се уште има семејства кои не биле посетени од Комисијата за процена на штети“, рече тој.
Павле Богоевски, исто така изрази сомнеж како се трошат парите наменети за обештетување, додека напомена дека за неодговорноста некој ќе мора да одговара.
„Нека одговори Коце Трајановски, колку пари од средствата за ‘обесштетување на граѓаните’ се издвоени за фирмите блиски до партијата во договори во четири очи? Уште пострашно, никој не презеде одговорност ниту за неодговорното работење, кое резултираше со изгубени животи и огромни штети, ниту за патетичната некоординираност во периодот кој следеше по поплавите“, потенцираше Богоевски.
Активистите порачаа дека граѓаните не смеат да дозволат да се повтори она што се случи во август оваа година.